Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро реагира на недоличниот и дрзок односот на министерот за економија, Крешник Бектеши, кон новинарите на денешната прес-конференција во Владата, на која тој ги нападна новинарите, омаловажувајќи ја нивната работа, професионалност и компетентност, и напаѓајќи го нивниот интегритет.

Во продолжение го пренесуваме соопштението на ССНМ:

Во делот предвиден за новинарски прашања Бектеши денеска наместо да одговори околу цените на природниот гас поставено од новинарката од Канал 5, ја обвини за поставување на туѓи новинарски прашања, а на укажувањето на новинарот од Телма ТВ дека на министерот не му е првпат да коментира новинарски прашања и оти тоа е безобразно од негова страна, Бектеши му одговори дека новинарите не се на прес-конеференцијата да коментираат туку да прашуваат.

ССНМ смета дека арогантниот и омаловажувачки однoс на Бектеши кон новинарите денеска не само што е скандалозен и неприфатлив, туку и ја отежнува работата на новинарите и медиумските работници и може да предизвика самоцензура, непријателско однесување кон нив, загрозување на нивната безбедност, како и нарушување на нивниот интегритет.

Синдикатот бара од функционерите да престанат со дискредитација на новинарите и медиумските работници и да престанат да се впуштаат во оцена за тоа како, и за која цел, тие поставуваат прашања за кои постои јавен интерес.

Денешниот неприфатлив однос на Бектеши кон новинарите е само уште еден во низата на неприфатливи однесувања на политичарите кон нив. кои зачестија во изминатиот период и за кои ССНМ смета деке е време да престанат.

ССНМ сака да ги потсети политичарите и државните функционери дека нивната сензитивност кон новинарските прашања треба да биде многу висока, особено на прашања кои се однесуваат на нивните одлуки кои имаат импликации на буџетот и трошењето на народните пари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.