Во рамки на денешната посета на седиштето на ИНТЕРПОЛ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски остварил средби и со Извршниот директор Стефан Кавана и одговорниот на Интерпол за Европа, Франц Шерман.

На мое големо задоволство, напиша Спасовски на неговиот фејсбук профил, беше оценето дека Македонија претставува кредибилен партнер и лидер во имплементацијата на заедничките оперативни активности иницирани од страна на Генералниот секретаријат.

– Ова претставува мотив повеќе за продолжување и интензивирање на соработката со ИНТЕРПОЛ, преку континуирано активно учество во тековните активности на организацијата и несебичниот придонес на нашата држава со сите расположливи капацитети, во повеќе области како што се: јавна безбедност и тероризам, сузбивање криминални организации, нелегална трговија со дрога и оружје, финансиски и компјутерски криминал, трговија со луѓе, како и други форми на оперативна соработка, согласно стратешките приоритети на министерството, објави министерот Спасовски.

Тој изразил благодарност до Генералниот секретаријат и до земјите учеснички на 49. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ, која се одржа во мај во Лион, на која учествуваше делегација од МВР предводена од директорот на БЈБ Тасевски, кои изразија поддршка и со гласање ја прифатија нашата кандидатура, укажувајќи ни ја честа токму нашата земја да биде домаќин на следната Европска регионална конференција.

– Процесот на подготовки поврзани со организирање и реализирање на конференцијата е веќе започнат на ниво на МВР, а наскоро и на национално ниво, па со особена чест ги информирав нашите денешни домаќини дека датумот за одржување на настанот го избравме непосредно по Денот на полицијата – 7 Мај, со цел учесниците да ја збогатат прославата, но и да дадеме дополнително значење на 30-годишниот јубилеј од членувањето на Македонија во Интерпол и одржувањето на самата Европска конференција, како и за промоција на полициската соработка во меѓународни рамки, но и промовирање на Македонија со нејзините автентични обележја во светот, објави министерот за внатрешни работи Спасовски на фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.