Премиерот Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил објави дека остварил средба со конгресменката Клаудија Тени, копретседавач на македонската група за пријателство на Конгресот на САД.

Разговаравме за интензивна соработка базирана на принципи за пријателство, меѓусебно почитување и заемна поддршка. Стратешките интереси се остваруваат преку интензивни контакти и политика на принципи. Се бориме за македонските позиции на секое поле, напиша Мицкоски на фејсбук.

Во рамки на посетата на Вашингтон САД, претседателот на Владата на Република Македонија, Мицкоски оствари повеќе средби и состаноци. Тој имал продуктивна и пријателска средба со конгресменот Брендaн Бојл, на која разговарале за приоритетите на НАТО алијансата и важноста да се зачува демократијата и мирот, а биле промовирани и економските можности и потенцијали кои ги нуди државата, како и одлучната битка против корупцијата и криминалот што е и клучна определба на новата влада.

Како што соопштија од владината прес-служба, премиерот Мицкоски имал и работна средба со претседателката на NDI, Тамара Кофман Витес, со која разговарале за демократските процеси во државата.

Еден од најакутните проблеми е корупцијата за што како нова Влада работиме интензивно за нејзино искоренување, што подразбира и одговорност за престапниците на законот. Очекувањата на граѓаните не смееме да ги изневериме, да работиме на воспоставување на механизми каде граѓанинот ќе биде заштитен исто како и неговите интереси. Завршува времето на лаги, неспособност и не работа. Почнува време на реформи, инвестиции, дигитална трансформација. Мораме да дадеме добар пример за сите во изнаоѓање на пат до подобар животен стандард и сигурна држава која припаѓа на сите граѓани, подвлекол на средбата Мицкоски.

Мицкоски остварил средба и со поранешниот амбасадор на САД во земјава Филип Рикер, на која разговарале за предизвиците со кои се соочува државата, како и поддршката која е потребна за остварување на стратешките интереси.

Мораме да ја менуваме реалноста и подобруваме животот на граѓаните, посочил Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.