Координаторот Никола Мицевски и пратеници од ПГ на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, денеска остварија средба со заменик претседателот на полскиот Сејм, Ришалд Терлецски, кој ја предводи делегацијата која е во посета на Скопје.
Мицевски и Терлецски, на средбата, разменија мислења околу процесите за пристапување на земјава во Европската Унија, во контекст на новите геополитики околности.
Мицевски посочи дека членството во НАТО е завршен процес, за што, како што нагласи, и ВМРО-ДПМНЕ даде значителен придонес со донесување на повеќе закони од областа на безбедноста и правосудството, за кои беше потребен консензус.
Мицевски рече и дека ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициска партија, во однос на надминувањето на спорот со Бугарија досега дала четири предлози кои се во насока на заштита на идентитетот и обезбедување на интеграција, кои, како што наведе, не биле земени предвид и се уште нема одговор за нив.
За нас ЕУ, рече Мицевски, и натаму претставува цел кон која стреми и нашата земја. Очекуваме, додаде тој, реализација на оваа цел преку јасни стандарди и принципи и преку почитување на Копенхашките критериуми.
Терлецски, пак, истакна дека Полска е поддржувач на проширувањето на Унијата, посебно со земјите кои ги смета за слични од различни аспекти, меѓу кои е и нашата земја.
Ние, рече Терлецски, и натаму ја сметаме ЕУ за многу добар проект, кон кој пристапивме во 2004 година. Тој посочи дека сега се сменети многу околности, ама, како што нагласи, за земјите и натаму е полесно да ги решаваат споровите кога се внатре во Унијата, отколку надвор од неа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.