Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со амбасадорката на САД во земјава Ангела П. Агелер. Како што информираат од собраниската прес-служба, на средбата биле поздравени долгогодишните и силни билатерални односи меѓу двете држави. Било нагласена важноста од одржување и натамошно зајакнување на овие односи кои се од заеднички интерес на двете земји.
Гаши изразил благодарност за континуираната поддршка што САД ја даваат на Република Македонија што високо се цени во земјата. Силен столб во билатералната соработка, стои во информацијата, претставува Декларацијата за стратешко партнерство од 2008 година како и Стратешкиот дијалог меѓу двете влади од 2022 година.
Гаши истакнал дека е многу важна улогата на Република Македонија и Соединетите Американски Држави во промовирање на регионалната стабилност и соработка меѓу земјите од Западниот Балкан. Во тие рамки, тој информирал дека македонското Собрание претседава со Парламентарното Собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и од 18 до 20 јуни 2024 година во Собранието ќе се одржи 11-та Пленарна сесија на Парламентарното Собрание на Процес за соработка во Југоисточна Европа што претставува уште еден знак на посветеност на земјата за продлабочување на регионалната соработка.
Гаши изразил благодарност за континуираната и силна поддршка на Соединетите Американски Држави за напорите на Македонија за евроатланска и европската интеграција, како и за значајната поддршка за унапредување на политичките процеси во земјата.
Амбасадорката Агелер се заблагодарила за средбата и истакнала дека Собранието е една од најзначајните институции во земјата. Таа искажала задоволство од успешно спроведените претседателски и парламентарни избори во земјата кој биле фер, слободни и демократски.
Таа ја реафирмираше спремноста на САД за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји како и очекувањата за продолжување на спроведување на реформите во земјата со цел добро владеење на правото, реформи во правосудскиот систем, како и борба против корупцијата и криминалот, стои во соопштението.
Како што наведуваат од собраниската прес-служба, двајцата соговорници се согласиле дека во иднина треба поголемо внимание да се посвети на економските прашања со цел подобрување на животниот стандард на сите граѓани, подобрување на образовниот систем како и привлекување на повеќе странски инвестиции со цел државава да може да напредува на својот европски пат и да ги надмине тешките предизвици со кои се соочува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.