Социјалистичката партија на Македонија оценува дека наместо да се посвети на барање решенија и ресурси со кои ќе се надминат проблемите и ќе се заштити населението и економијата од кризните појави, Владата дава само најави и ветувања дека нешто ќе прави.
Во продолжение го пренесуваме соопштението на партијата:
Таа со воведувањето кризна состојба само си создава простор за неконтролирано работење со енергенсите по енормни цени и за обезбедување лични профити. Затоа се и жестоките и вообичаено едукативните критики од опозициските пратеници на собраниската комисиска расправа, подеднакво и за очигледната злоупотреба на кризната состојба за нови криминали на незаситната власт.
Најавите дека евентуално ќе се обезбеди струја и гас од Бугарија, Грција, Турција или некоја друга земја се само неиздржани замисли на поединци за што нема цврсти основи ниту пак договори за такви трансакции.
Социјалистичката партија на Македонија укажува дека е неопходна концентрација на знаење, ресурси и средства за да се постигне механизам што ќе обезбеди соодветна енергетска сигурност за компаниите и граѓаните барем на краткорочен рок.
Социјалистичката партија на Македонија и предлага на Владата да прејде кон оданочување на профитите на компаниите кои се остварени како резултат на растот на енергенсите или се резултат на шпекулативни цели.
Ја поттикнуваме Владата да воведе постојан механизам за враќање на вишокот на приходи на компаниите со што ќе се обезбедуваат средства за справување со кризата.
Социјалистичката партија на Македонија ја охрабрува Владата да воведе данок на најимотните граѓани со што ќе се обезбедат пари за зголемените буџетски трошоци наменети исклучиво за справување со кризата. Банките, а посебно компаниите од енергетската сфера и трговците со енергија треба да бидат повисоко оданочени со оглед на високите профити кои ги остваруваат во услови на економска криза и работа по берзански, но и шпекулативни цени.
Социјалистичката партија на Македонија ја упатува Владата јасно да ги постави целите са грижа и поддршка на граѓаните за справување со кризата, да изврши мобилизација за искористување на сите домашни потенцијали за производство на енергија и сериозно штедење на енергијата од сите форми од домаќинства, компании и институции.
Воедно, Социјалистичката партија на Македонија предупредува дека заради внесување страв и несигурност кај граѓаните и компаниите во поглед на претстојната зима и наредните месеци власта мора да понесе одговорност и да запре со непродуктивните и нерационални трошења за лични интереси и богатења. Оттаму, македонските социјалисти истакнуваат дека излез од овие неповолни состојби е одржување на итни и неодложни предвремени парламентарни избори за спас од пропаѓање и колапс на државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.