Интензивно работиме со Министерството за образование и наука (МОН) и веќе се направени одредени усогласувања. Ќе почне и комуникацијата меѓу нашите Сектори за внатрешни работи и образовните институции, заради тоа што сите треба заеднички да постапуваме за да дојдеме до решение во кое учениците ќе бидат безбедни и безбедно ќе се одвива наставниот процес, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со дојавите за бомби во училиштата.
Прашан за тоа дали размислува да се воведе 24 часовно обезбедување во училиштата, Спасовски информираше дека денеска е донесен посебен акт во делот на тероризмот, поради тоа што претходниот е застарен, и согласно овој акт од утре ќе се почне со нови активности. Како што рече, веќе се донесени одредени насоки за утрешниот ден.
Тој додаде дека МВР патролно веќе ги обезбедува сите училишта 24 часа, но согласно новиот акт, веднаш по дојавата за бомба ќе треба да се преземат одредени мерки, и како што рече, од тоа нема да има отстапки.
Ова не е активност со која може да се справи само МВР. Ова е активност со која треба да се справат сите институции и затоа се формираше работен тим во рамките на Владата, во кој влегуваат институциите – Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за електронски комуникации и секој има свои активности кои треба да бидат преземени во овој дел. Ние во овој период работевме интензивно и денеска донесовме посебно упатство, односно посебен акт, што е во согласност со приликите кои се сега, заради тоа што имаше упатство кое беше застарено во делот на тероризмот. Согласно тоа упатство ќе започнеме нови активности, изјави Спасовски при посетата на полициските службеници кои се дел од сообраќајната патрола на булеварот „Босна и Херцеговина“ во Скопје, во одговор на новинарско прашање.
Како што посочи, се бараат и решенија за решавања на целата состојба поврзана со дојавите за бомби, и напомена дека она што денеска е донесено како акт, ќе биде дел од решението на процесот.
Во овој процес треба да учествуваат сите институции. Ние писмено се обративме до одредени институции со прашање кои мерки ги имаат преземено од она што е во делот на нивната надлежност. Очекуваме дека ќе дадат одговори. Доколку има институции кои не преземале одредени активности од своја надлежност а биле должни да ги преземат, ќе го известиме и Јавното обвинителство. Оваа битка е битка на секој еден во институциите и сите заедно мора да работиме, заради тоа што ако станува збор за терористичка закана, тогаш сите треба да бидеме во борбата против теротизмот. За нас, безбедноста на учениците и на наставниот кадар е на прво место, потенцираше Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.