Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 го искажа својот став околу скандалот кој ја тресе Агенцијата за национална безбедност.

Спасовски вели дека тоа е настан кој го урива кредибилитетот на државата и на Агенцијата за национална безбедност.

Втора работа нашето стратешко партнерство со САД не ни дозволува да има состојби во кои што ќе се доведеме во една ваква позиција, без разлика на сите други аспекти кои што ги гледаме. Трета работа – не е ниту изјава, ниту тврдење мое дека не станува конкретно за криминал. Јас реков дека не мора да значи дека доколку се наоѓа на нечија црна листа дека е криминалец или за криминал, знаете дека наоѓањето на такви листи се од икс причини, вели Спасовски.

Спасовски ја објасни и процедурата за носење на вакви одлуки, а порача и дека ќе има санкции.

Ќе видиме, треба да ги провериме сите аспекти. Ќе разговараме на седница на Влада. Постои постапка и таа не се носи за еден ден, но постојат механизми кои можат да одговорат на предизвиците, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на прашањето дали ќе му биде одземено државјанството на Украинецот Олександр Онишченко кој се наоѓа на црната листа на САД.

Спасовски вели дека се случуваат пропусти, но важно е да има одговорност.

Многу е важно стратешкото партнерство кое го имаме изминатите 30 години, пред се со САД, да биде сочувано. Пред се, САД премногу вложија во безбедноста на Македонија“, додаде Спасовски.

Спасовски уверува дека случајот со доделеното државјанство на контроверзниот Олександр Онишченко нема да ја наруши безбедноста на земјата.

На првиот полицаец не му е јасно зошто контроверзниот Украинец Олександр Онишченко барал македонско државјанство кога живее во Германија со уредни документи.

Ќе се потврди тоа, не може да остане по страна во овој дел“, вели Спасовски.

Постапката спроведена во Агенцијата за национална безбедност за случајот со контроверзниот олигарх Олександар Онишчеко, засега покажала дека лицето задолжено да го направи последното ниво на проверка со консултација со НАТО не си ја извршило задачата.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски истакна дека истрагата за ова ќе продолжи за да се утврди дали станува збор за пропуст само на едно лице или не како и тоа дали тој пропуст е случаен или намерен пропуст, за што најавува дека ќе бидат преземени мерки.

За тоа дали случајот со Онишченко ги амнестира другите нивоа во АНБ од одговорност министерот за внатрешни работи вели дека постои процедура и според неа се прават тие проверки.

Секој на своето ниво на проверка, тој што е за теренско ниво има луѓе кои се одговорни и тие ги ставаат потписите за тоа што тие провериле. Секој еден кој што прави проверка потврдува за таа проверка со неговиот потпис“, додава Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.