Денеска во Мостар, Босна и Херцеговина, во име на Владата на Република Македонија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски положи цвеќе на спомен обележјето на несреќата кај Ротимље, на државничка церемонија по повод навршувањето на 19 години од трагичната смрт на македонскиот претседател Борис Трајковски и делегацијата којашто го придружуваше.
Во име на Босна и Херцеговина пред спомен обележјето почит оддадоа и министерот за сигурност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ, како и високи претставници на Претседателството на Босна и Херцеговина, претставници на Кабинетите на претседавачот на г-а Цвијановиќ и господата Комшиќ и Беќировиќ.
Во име на Владата на Република Македонија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски имаше пригодно обраќање во чест и спомен на вториот македонски претседател Борис Трајковски.
„Големите луѓе никогаш не умираат, тие живеат вечно во спомените на оние кои ги почитуваат вистинските вредности. Таков беше и поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој пред 19 години прерано и трагично го загуби животот во авионската несреќа кај Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, заедно со делегацијата којашто го придружуваше. Денеска сме тука да оддадеме почест, со посебен пиетет поклонувајќи се и положувајќи цвеќе пред спомен обележјето на несреќата во Ротимље. Потсетувајќи се на вредностите кои тој ги негуваше и ширеше, секогаш промовирајќи соработка и помирување, Борис Трајковски останува симбол на вистинско лидерство во еден исклучително тежок период, но и при сите средби со народот, дипломатите, домашните и светските политичари”, рече министерот Спасовски во своето обраќање.
Истакнувајќи го фактот дека претседателот Трајковски беше признаен во дипломатските кругови како неприкосновен политички лидер и добар пријател со државниците од целиот свет, министерот Спасовски рече:
„Тој и по 19 години останува запаметен како доблесен и мудар државник, кој во еден важен транзициски период, кога се соочивме со тешки одлуки, успеа да го зачува мирот во земјата и во регионот, да ги зацврсти меѓуетничките односи, да биде посветен на демократските идеали и на евроатланската ориентација, како вистински визионер”, рече министерот Спасовски.
На крајот од своето обраќање министерот Спасовски упати благодарност до братска Босна и Херцеговина за организацијата на државничката церемонија, до раководството на Град Мостар и Општина Столац за континуитетот во оддавање почест по повод одбележувањето на смртта на претседателот Трајковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.