Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за пронајдените пиротехнички средства во возилото на Д.А. од Зајас денеска изјави дека се преземени сите потребни активности од полициски аспект и оти понатаму Јавното обвинителство треба да оцени како ќе постапува со овој случај.

За конкретниот случај ние ги преземавме сите потребни активности од полициски аспект. Одземени се сите предмети кои беа најдени и е доставен поднесокот до Јавното обвинителство, кое ќе оцени за тоа како понатаму ќе се постапува во однос на целиот овој случај, рече Спасовски, одговорајќи на новинарско прашање каков поднесок ќе има и за што ќе се товари Дрин Ахмети.

Спасовски нагласи дека поднеле известување до Јавното обвинителство во однос на нивните сомненија.

Треба да се земат предвид сите овие факти и докази кои се и на основа на тоа ќе ги донесе одлуките Јавното обвинителство, појасни министерот за внатрешни работи.

Спасовски по посетата на полицискиот центар „Ѓорче Петров“ нагласи дека кампањата што ја спроведувале заедно со Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија навистина дала резултати. – Оваа година нема ниту едно лице кое е повредено од пиротехнички средства, исто како и минатата година, изјави Спасовски, додавајќи дека во 2023 година македонската полиција заплени повеќе од 100.000 парчиња на пиротехника.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.