Носителот на листата од ИЕ 2 на Коалицијата „За европска Македонија“, Оливер Спасовски на прес-конференција изјави дека изминатиов период надминати се пандемската, економската и енергетската криза и најави нови мерки од програмата во енергетскиот сектор.

Кризите успешно ги премостивме. Институциите во енергетскиот сектор безбедно ја поминаа кризата и покрај најавената апокалипса и активната блокада на Собранието од опозицијата. Струјата ќе поскапи за 40 проценти“, тврдеа т.н. енергетски експерти од ВМРО ДПМНЕ, обидувајќи се со манипулации да создадат дополнителна паника кај народот. Истите тие во чие владеење струјата поскапи дури 100 проценти, без глобална енергетска криза, а дневната евтина тарифа им ја укинаа на граѓаните, рече Спасовски.

Тој кажа дека СДСМ не само што не дозволил поскапување, туку со успешни енергетски политики го заштитил стандардот на граѓаните и го одржал енергетскиот сектор. Субвенционирана цена на струјата и до 90 отсто за над 600 илјади домаќинства, но и за 68.000 мали потрошувачи во кои се вработени 98 проценти од работниците во приватниот сектор. Носителот на листата, истакна дека намалени се цените за сметки за струја за домаќинствата, оние кои трошат помалку, вратена е евтината тарифа, што обезбедува заштеда од 1.000 денари месечно.

Да потсетам и на одлуките на Регулаторната комисија, со кои и цената на парното беше намалена за 35 проценти. Во наредниот мандат планираме воведување енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март. Продолжуваме со борбата против енергетската сиромаштија преку уште поголема поддршка за ранливите категории граѓани со нови финансиски и нефинансиски мерки, рече Спасовски.

Тој кажа дека тој „визионерскиот пристап“ придонел за зголемување на енергетската независност и стабилна и сигурна испорака на струја, дека немало рестрикции, се водело грижа за буџетот на пензионерите и ранливите групи.

СДСМ не трошеше пари на грандиозни споменици кои ќе сведочат за времето на едно владеење. Ние инвестиравме во домашното производство на струја, кое го зголемивме за 45 проценти. За првпат после 12 години беше активирана ТЕЦ Неготино, истата онаа која од петни жили се трудеа да ја продадат. А сето ова придонесе увозот на струја да е драстично намален, рече Спасовски.

Во однос на гасоводот, Спасовски изјави дека СДСМ изградил над 270 километри гасоводна мрежа и најави дека во наредниот период ќе продолжи доизградбата на магистрални и секундарни гасоводни мрежи. Досега рече имплементирани се проекти со капацитет од околу 700 мегавати обновливи извори на енергија.

Тој кажа дека ќе кажат стоп за нови фосилни технологии, освен за гасот, но и за изградба на нови мали хидроелектрани.

Бидејќи личните интереси не можат и не смеат да бидат пред државниот интерес за заштита на природните богатства и нашите национални паркови. Уште еден приоритет, и енергетски и еколошки, е користењето на топловодната мрежа, рече Спасовски.

Тој додаде дека планираат да ја прошират мрежата во Скопје и да се изгради нов систем во Битола, предвидени е нов концепт со кој ќе се намалат трошоците. Спасовски вели дека СДСМ има план за обезбедување енергетска независност со зголемување на производството на енергија за најмалку 70 отсто до 2028 година во однос на 2019 година и додаде дека државните енергетски компании ќе ги дадат во рацете на граѓаните. Носителот на листата уште еднаш потсети на важноста на патот кон ЕУ од која рече, нема откажување.

Затоа патот кон ЕУ е единствената опција. Покрај енергетските, тој ќе донесе еколошки, социјални и економски придобивки. Друга опција нема, бидејќи сè друго води во ќорсокак. Затоа, нема откажување од ЕУ, изјави тој.

Спасовски ги повика граѓаните на утрешниот митинг во Скопје и ги повика граѓаните да гласаат. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.