Кумановецот и носител на листата на СДСМ во ИЕ 2, Оливер Спасовски, не ѝ помогна многу на својата партија во родниот крај за време на првиот круг на претседателските избори. СДСМ не само што загуби двојно од довчерашниот сопартиец и актуелен градоначалник Максим Димитриевски, туку и со неколку илјади гласа остана зад Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ.

Според резултатите од веб-страницата на Државната изборна комисија за Куманово, од обработени 100% од избирачите и 98,20% од избирачките места, од вкупниот број на избирачи во избирачкиот список – 93.508, својот глас го искористиле 50,66%.

Најмногу гласови освои Димитриевски од ЗНАМ – 14.286 (30,16%), следи Гордана Силјановска Давкова со освоени 11.982 (25,29%).

Пендаровски е трет со 7.399 гласа (15,62%), но во врат му дишеше Бујар Османи од ДУИ, кој на крај освои 6.203 (13,09%).

На ден пред изборите, за време на молкот, Спасовски преку „Фејсбук“ порача дека „само две недели нѐ делат од големата одлука, од изборот меѓу надеж и безнадежност, меѓу просперитет и зачмаеност во минатото, меѓу интеграција и целосна изолација“.

Од заробена држава во времето на 11-годишниот режим на ВМРО-ДПМНЕ, во која се апсеа новинари, а бројни медиуми се затворија затоа што не играа како што свиреше фамилијата, минатата година во извештајот на Репортери без граници бевме рангирани на 38-то место во светот, со скок од 80 места во однос на 2016 година и прва во регионот за слободата на медиумите. МВР, од крајно затворена институција го трансформиравме во институција со транспарентност од просечни 59.5% во 2016, до високи 87.5% во 2023, напиша Спасовски.

Ова е втор удар за Спасовски кој сметаше дека има доволно голем рејтинг за да биде токму тој кандидат на СДСМ за претседател на Македонија. Првиот удар го доби за време на локалните избори 2021 година, кога СДСМ за првпат го загуби Куманово. Тогаш препишуваа дека ВМРО-ДПМНЕ му помогнале на Димитриевски да стане градоначалник. Но кој му помогна сега на Димитриевски за двојно поголемиот број гласови од оној што кандидатот на СДСМ го освои на овие избори во Куманово, родното место на Спасовски и Димитриевски?! Не смее да се заборави ниту фактот дека и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски е кумановец. До помошта е или до рејтингот?!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.