Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во дневникот на телевизија Сител беше прашан за тоа каква е соработката со безбедносните служби во регионот, во однос на тоа дека за утре е најавено отворање на македонскиот културен клуб во Благоевград, на кој ќе присуствуваат официјални претставници од државата, а со оглед на тоа дека се најавени и протести, односно каква е можноста да се очекуваат некакви проблеми во Благоевград.

„Генерално имаме одлична соработка со сите безбедносни служби, министерства од регионот и тоа е наша задача, тоа е наша обврска, на секоја служба, на секое МВР, да се сочува пред сѐ националната безбедност и сигурност на граѓаните и државата, меѓутоа да ја зачуваме и сите заеднички нашата регионална безбедност. Така да, постојат информации, податоци, се разменуваат тие информации и податоци, се прават проценки на ризик во секој од овие делови и апсолутно мислам дека како што се преземаат мерки во РСМ за организација на било кој настан, дали се протести, спортски натпревар, културен настан, итн, ќе треба да се обезбеди и тој настан кој се реализира во Бугарија”, истакна министерот Спасовски.

Прашан дали очекува мирно да помине настанот, министерот Спасовски беше дециден:

„Апсолутно, тензии секогаш може да има, меѓутоа органите на редот се тие кои треба да го сочуваат мирот, стабилноста и пред сѐ здравјето и животот на луѓето и нивниот интегритет”, заврши министерот Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.