Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски гостувајќи во емисијата „Вин вин“ на Телма телевизија во делот на разговорот за сајбер безбедност, ја истакна потребата од поддршка на стручните лица во борбата против сајбер заканите.

„Сметам дека апсолутно мора да се изнајдат механизми и да се поддржат луѓето кои можат да нѐ заштитат. Знаете, вложуваме средства во Армија, полиција и се подготвуваме за одбрана од конвенционални напади, иако тука спаѓа и заштита од сајбер напади. Во овој дел мора да вложуваме многу повеќе. Не може луѓето кои се стручни, компетентни, експертски подготвени да помогнат во одбрана на државата од сајбер закани, да бидат, не би рекол на маргините, тие се на видни позиции, меѓутоа да бидат добро платени за да останат во институциите, да имаат мотивација да бидат дел од системот кој сакаме да го градиме. На крајот од краиштата, условите за работа, нивото на висина на плата ги одредува и нивните чекори низ животот”, рече министерот Спасовски, напоменувајќи за одлуката која беше донесена од страна на МВР во дијалог со Македонскиот полициски синдикат.

„Ние во МВР донесовме одлука заедно со МПС минатата година да ги заштитиме овие луѓе, да овозможиме подобри услови за работа, да ги зголемиме нивните плати за 30% од тоа што било претходно, и во Одделот за телекомуникации и информатика и во делот на дигитална форензика, затоа што навистина се потребни тие кадри. Нивната важност добива на значење во моменти кога треба да видите дека тие треба да се справат со сајбер закани, напади, документација на говор на омраза, други кривични дела кои доаѓаат по дигитален пат, од една страна, и да се изгради целиот тој концепт на заштита на институциите од електронски напади”, истакна министерот Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.