„Ако анализираме наназад од донесувањето на Уставот и дебатите во тоа време заклучно со оваа последна дебата можеме да видиме дека постојано над овој највисок правен акт постојат определени тензии, постојат определени притисоци за негово редефинирање, за негова промена. Што во одредена смисла било предмет на серија политички кризи“, истакна Александар Спасеновски во гостување во емисијата „Вечерно шоу на Богдан“ на Алфа телевизија.
Спасеновски додаде дека има впечаток дека изминатите години, изминатите децении прилично често се влегува во промена на највисокиот правен акт, што самото по себе резултира потоа со сериозни драматични последици после кои има внатрешно политички потреси. И е потребно долго време потоа тие внатрешно политички потреси да се стабилизираат.
„Одбрана на црвените линии, таа политичка фортификација требаше да ја видиме кога се дискутираше за францускиот предлог и во оној период кога се одвиваше жива дискусија со претставниците од меѓународната заедница и да им се објасни кои се црвените линии на оваа држава од аспект на тоа како треба да биде дефиниран уставно правниот систем на државата. Од друга страна сега веќе политичкото општество, политичарите во државата се донесени пред една прилично тешка, прилично сложена политичка ситуација, а тоа е чувството на незадоволство од договореното од една страна. Меѓутоа од друга страна фактот дека произведува одредена политичка обврска заради тоа што веќе договореното на некој начин нема простор поголем да се влијае во насока на негова промена или во насока на прекин на некаква имплементација“, појасни Спасеновски.
Тој посочи дека требаше да се изнајде решение кое што немаше да задира во уставно правниот систем на државата, особено во светло на договорот за добрососедство.
„Се јавуваат стравови дали и да се направи амандманска интервенција, промена на Уставот на државата нема да исчезнат новите блокади од страна на официјална Софија кон официјална Македонија. Односно се поставува прашањето дали можеби целта на официјална Софија е конфротација заради конфротација, или навистина станува збор за определени идеи кои што имаат за цел натамошно да ги унапредат приликите особено поврзани со граѓаните со бугарска национална самосвест кои што во помал број но сепак живеат во Република Македонија“, рече тој.
Спасеновски укажа дека секоја измена Уставот треба да биде прифатена од страна на граѓаните бидејќи тој се однесува на нив.
„Јас сметам дека еден од најчесто дебатираните и еден од најчесто менуваните делови на Уставот е токму Преамбулата“, посочи Спасеновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.