Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков денеска имал работна средба со Сузан Флокен, претседателка на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE), на која ја информиал за причините и подготовката за организирање на штрајкот во градинките, основното и средното образование најавен за понеделник.
Г-ѓа Флокен во името на ETUCE дава силна поддршка на СОНК и верува во издржаните барања до конечен успех. Подвлече дека будно ќе ги следат случувањата и извештаите од штрајкот на СОНК особено ако има обиди за попречување на правото на штрајк, што е регулирано со меѓународните конвенции и препораките на Меѓународната организација на трудот, објави Неделков на Фејсбук.
Генералниот штрајк во училиштата и градинките СОНК ќе го организира од 11 април бидејќи не е исполнето нивното барање за зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита.
СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти односно нивно усогласување со минималната плата која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.
Преговори меѓу СОНК и Владата имаше минатиот вторник и овој понеделник но завршија без договор.
Неделков по завчерашната средба, која се одржа во Министетството за финансии, изјави дека нема краткорочно решение со кое, како што рече, „сега и веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапува Синдикатот“.
За жал никаков процент, никакви бројки не беа изнесени на маса и морам да кажам дека излегуваме разочарани што нема што да пренесеме во јавноста и до членството. Очигледно, несериозно се сфаќа дека ќе има генерален штрајк на 11 април, кој може да има многу сериозни последици за сите, изјави Неделков по средбата во понеделникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.