Владата вчера соопшти дека земјава, како и другите држави од Западен Балкан, ќе биде вклучена во Платформата за заедничко купување течен гас (LNG) и хидроген што го договорија ЕУ и Соединетите Американски Држави (САД).

Меѓу заклучоците за заедничките политики на ЕУ и САД, се и мерките за обезбедување алтернативни извори на енергенси.

– Ова е резултат на политиката на солидарност во овие времиња на предизвици во кое заедничката стратегија дава резултати, се вели меѓу другото во заклучоците на Европскиот Совет. Благодарение на стратегијата за справување со последиците од војната и енергетската криза, Македонија станува дел од оваа платформа на ЕУ за заедничко купување течен природен гас од САД за да се ослободиме делумно од зависноста од рускиот гас, информира Владата.

Европскиот Совет во Брисел овие заклучоци ги донесе по состанокот на лидерите на ЕУ со претседателот на САД Џо Бајден. Притоа, уште еднаш воената агресија на Русија на Украина е оценета како грубо кршење на меѓународното право што предизвика огромен број цивилни жртви и масовна хуманитарна бегалска криза.

-Меѓу заклучоците за заедничките политики на ЕУ и САД како одговор на оваа неприфатлива воена агресија во Европа, кои се однесуваат на помошта за Украина и за соодветно прифаќање на бегалците и менаџирање на хуманитарната криза, донесени се и повеќе заклучоци кои се однесуваат на справување со последиците од економската криза со посебен акцент на енергенсите. За таа цел се договорени повеќе политики и мерки кои се однесуваат на обезбедување алтернативни извори на енергенси, пред сѐ на гас од САД и за стабилизирање на глобалниот енергетски пазар додека трае војната во Украина, наведе Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски упати голема благодарност до ЕУ зашто во време на енергетска криза донесе одлука Македонија да стане дел од Платформата за заедничко купување течен природен гас.

Како што напиша Ковачевски на својот фејсбук профил, во ова време полно предизвици, заедничката стратегија „заедно сме посилни“ дава резултати.

-Како резултат на политиката на солидарност, Македонија се приклучува кон Платформата на ЕУ за заедничко купување течен гас и хидроген. Преку колективно настапување на пазарот, целта е да се обезбеди пониска цена за гас. Благодарност до ЕУ што во време на енергетска криза донесе одлука Македонија да стане дел од оваа платформата за заедничко купување течен природен гас како дел од стратегијата за справување со последиците од руската агресија врз Украина, истакна премиерот.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите рече дека Европскиот совет донесе одлука за колективна набавка на гас и други извори на енергија во име на земјите членки на ЕУ со цел да се намали зависноста од гас и нафта од Русија.

Земјите од Западен Балкан, напомена, првпат се вклучени рамноправно во овој нов механизам. Тоа, според него, значи дека колку што земјава ќе има потреби за гас и нафта, Европската комисија ќе набавува во наше име.

-Кога ЕК набавуваше вакцини за земјите членки, ние не бевме вклучени на почетокот. Сега ЕУ се поставува така како што треба и ние сме рамноправно вклучени. Мислам дека кај нас тоа ќе влијае во намалената зависност. На ваков начин, добиваме во цена, бидејќи кога купувате поголеми количини, се разбира и цената е пониска, рече Османи.

Снабдувањето со природен гас беше главна тема и на состанокот на разговорите на Македонско-бугарската работна група што се одржа завчера во Скопје. Се разговараше за продолжување на интерконекторот Петрич – Струмица до ТЕЦ Неготино преку ревидирање на посточеката студија, како долгорочно решение за набавка на гас во земјава. Како што изјави министерот за економија Крешник Бектеши, уште едно долгорочно решение е и нашето учество во терминалот во Александропулос.

Министерот за енергетика на Бугарија Александар Николов не откри дали неговата земја ќе го продолжи договорот за набавка на природен гас со „Гаспром“ кој истекува на крајот на годинава и од кој зависи и нашето снабдување на природен гас, но гарантираше дека Македонија сепак ќе биде снабдена со овој енергенс. Според Николов, мора да се размислува за алтернативни начини кои ќе овозможат снабдување со природен гас, за да се минимизира зависноста од Русија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.