По тридневна расправа Собранието го разреши пратеникот на Беса, Фадил Зендели од член на Комисијата за избори и именувања. За разрешување на Зендели гласаа 61 пратеник од мнозинството. Опозицијата не влезе во пленарната сала и за разрешувањето на Зендели немаше воздржани и против.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски по гласањето побара претседателот на Собранието Талат Џафери писмено да му одговори што се случи со 400 амандамни на опозицијата.
Претседателот има рок од три дена да ги разгледа амандамните и по истекот на рокот ќе добиете одговор – одговори Џафери.
Одлуката тој да биде разрешен од Комисијата дојде на предлог на пратеници од мнозинството меѓу кои првопотпишан беше претседателот на Собранието Талат Џафери, откако повеќе месеци беше блокирана работата на тоа работно тело, бидејќи Зендели одбиваше сам да ја напушти Комисијата откако Беса премина во опозиција. Власта не закажуваше седници на Комисијата бидејќи по локалните избори Комисијата остана без претседателот Костадин Костадинов кој стана градоначалник, а мнозинство во работното тело наместо власта имаше опозицијата.
За опозицијата разрешувањето на Зендели на пленарна седница е преседан кој на власта ќе и се удри од глава, бидејќи предлогот не дошол од Комисијата туку со одлука директно на пленум. Според опозицијата, со тоа се прекршени собранискиот Деловник и Уставот.
Според власта, повикувајќи се на Уставот, пленумот има право да го разреши Зендели, бидејќи тој е избран функционер.
По разрешувањето на Зендели се очекува да се отвори патот за избор на нови четири уставни судии. Поради истекување на мандатот, Уставниот суд работи со пет од девет судии, што е минимум за негово функционирање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.