Тројцата министри од Алтернатива, за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспора, нема да присуствуваат на денешната собраниската седница за закажана за во 15 часот за реконструкција на Владата, потврдија за МИА од Алтернатива.

Како што посочија од партијата, тројцата министри остануваат на ставот дека нема да дадат оставки, и како што велат, доколку има премиерот Димитар Ковачевски некоја забелешка на нивната работа, нека ги разреши.

Министерот за здравство Беким Сали од Алтернатива треба да биде заменет со д-р Фатмир Меџити, специјалист невролог во Универзитетската клиника за неврологија, додека позицијата на Адмирим Алити во МИОА се остапува на Азир Алиу, доктор по информатички науки на Природно-математичкиот факултет при УКИМ-Скопје, кој има работно искуство како професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, и во приватниот сектор. 

Собранието на Република Македонија денеска ги констатира оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на замениците министри за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.

Како што соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери, Тупанчевски, Нуредини, Рендевски и Нухиу одлучиле да не ги образложат оставките пред пратениците.

Констатирам дека на Тупанчевски, Нуредини, Рендевски и Нухиу им престануваат функциите, истакна Џафери.

Пред почетокот на 103. седница, пратениците им оддадоа почит на настраданите во земјотресите во Турција и Сирија со едноминутно молчење.

На дневен ред на седницата се неколку предлог-одлуки, предлог-закони и предлог-законски измени, како и барања за автентични толкувања.

По 103. седница, следуваат продолженија на 99. и 84. седница, а потоа, од 15 часот треба да почне и 104. седница на чиј дневен ред е избор на нови членови во Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.