Весна Дамева е разрешена од функцијата претседателка на Судскиот совет. Ова е епилогот од денешната тензична седница на Судскиот совет.

Караниците кулминираа во моментот кога Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање, пришто седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.

„Претседателката е разрешена и веќе не може да раководи со седницата. Утре, во 11 часот закажуваме нова седница. За денеска седницата е завршена“, констатира заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми.

Дамева возврати:

„Претседателот, иако е во салата, заменикот самоволно му го одзема раководењето и става точка на дневен ред. Јас сум ваш заложник и на луѓето што ви дадоа налог за седницата да се прекине“.

Писмото од амбасадорката Агелер само додаде масло на оганот кој веќе горел помеѓу членовите на Судскиот совет. Заменикот на претседателката Дамева уште на почетокот на седницата побара таа да си поднесе оставка, ако не имал план Б, да се предложи нејзино разрашување, што се реализираше. Како што обвини Селим Адеми, Дамева го блокирала изборот на судии во Апелација со непотпишување на анекс-договорот.

„Не може да се седи со сила претседател, кога мнозинството не е задоволно од работењето. Јас очекувам, Весна да постапува свесно и одговорно и да каже за мир во куќа ‘Еве јас си давам оставка’. Пак ние ќе избереме претседател. Пак од нас ќе има претседател. Добро е да биде претседател од редот на судиите. Ако не, некој ќе треба да предложи разрешување на претседателот на Судски совет“, рече Адеми.

Кавга изби и помеѓу сегашната и екс-претседателката Црвенковска, бидејќи Дамева не ги известила за писмото на Агелер членовите на Судскиот совет.

„Вашиот монолог ги заменувате тезите. Излегува дека вие сте тие што се борите на законито работење на Судскиот совет, а нас, другите челнови, нè деградирате и навредувате дека не сме за законито и совесно работење“, рече Црвенковска.

Дамева во трето лице зборуваше за себе:

„Многу сте нервозни, колеги, забележувам, очигледно Весна Дамева треба да се разреши, но Дамева не е проблемот“.

Зоран Герасимовски, ја прекина седницата на Советот:

„Ова на ништо не личи“.

Дамева додаде:

„Ви благодарам многу, ме спасивте мене, оваа одлука е противзаконска. Но, нечии желби треба да бидат исполнети. Со гласање од седум гласа, каде што нема утврдено ниту основ за разрешување ниту број на гласови со кои се носи одлуката, ме разрешуваат… “

Дамева повеќе пати спомена, но не откри кој и зошто и земал мерка за смена. Рече дека тоа се случувало последните неколку недели, поради сензитивни точки поврзани со одговорност на судии кои требало да ги стави на дневен ред и за разрешување на судии.

Во писмото на амбасадорката Агелер испратено до судските и извршни органи таа изразува загриженост и разочараност поради состојбите во судството но и корупцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.