Луѓето ми викаат зошто толку си се насочил за рушење на власта кога можеш веднаш да се иселиш и да имаш подобар живот. Иако е ова прашање кратко, суштината зошто сум тука е повеќекратна и таа се одговора освен со разум и со срце! Вечерва стоиме пред Владата која е единствен причинител за сите наши несреќи и колективни разочарувања. Меѓутоа, вечерва мотивот зошто сме тука е и поради причината кои сме ние и што сме како луѓе, од што сме направени како народ и како земја со свои корени, традиција, историја, култура  и преданија – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пред насобраната толпа на вечерашниот протест кој се одржува под мотото „Протест за промени, затоа што премногу е“.

Тој пред народот насобран пред Владата во Скопје посочи:

На само 50 метри од тука е Споменикот на ослободителите на Скопје. Секоја фигура извајана во бронза е таму затоа што заслугата тие луѓе ја добиле со својата крв, бескомпромисната верба во идејата и љубовта кон слободата. Тие беа синовите на илинденците кои ја раѓаа идејата за слободна и независна Македонија. А нивната смрт беше примерот по кој се раѓаа нови синови и ќерки на борбата кои го чуваа пламенот за Македонија. И затоа нашата обврска кон таа генерација е поголема од секоја друга суета, секоја друга препрека која ни стои на патот, и во тоа лежи нашиот порив и нашата сила, нашата огромна македонска сила.
А на само половина километар одовде на плоштадот чие име е Македонија, пред 31 година на 8 септември исто така имаше огромни реки народ собрани да ја прослават независноста. Впрочем, јас во моите 44 години живот паметам два собира на кои се собрал толку многу народ.
Тоа е тој 8 септември, и овој денес, овој величествен народен собир!
И овие два народни собира иако имаа комплетно различни намери и улоги, имаат и една сличност. На собирот на 8 септември 1991, јас како 13-годишно момче ја споделував заедничката емоција на среќа, ентузијазам и колективна еуфорија дека најпосле, по вековна борба и пролеана пот и крв, доаѓаме до тоа да бидеме свои на своето.
Магијата на тој собир не беше само заокруженото ливче на огромното мнозинство на граѓани и самиот референдум кој се случи како таков, туку надежта, копнежот и оптимизмот што секој еден човек го имаше таа ноќ дека најпосле ќе ни тргне како народ и како држава, дека ќе имаме свои институции, дека ќе бидеме креатори на сопствената судбина и одговорни за колективната среќа. Дека светот ќе нè распознае и разликува од останатите по нашиот идентитет што го носиме, дека ќе патуваме со македонски пасош, ќе се радуваме на успесите на македонските репрезентации, ќе стоиме достоинствено на наша химна, дека ќе градиме наши институции, наша држава, наша економија… Го живеевме сонот на многу генерации кои пред нас не успеја, а се надеваа.
Тоа беше големата експлозија преку која се создаваше нашиот универзум за кој сонувавме.

Што се случува 31 година по независноста? Мицкоски вели 31 година подоцна, вториот најголем собир за кој памети е овој денес.

Меѓутоа, овој пат како 44-годишен маж кој ја споделува истата енергија како сите вас тука на овој 18 јуни. Доколку тој 8 септември беше собир на надеж, овој денешен народен собир е поради револт и разочарувања од сè помалку што добивме и не добивме овие 31 година, како и поради разорните последни 5 години од нашите животи. Тоа значи дека оваа земја е дојдена до работ и на многумина им е прекипено од предолгите очекувања и разочараните надежи. Многумина велат доста е, државата е уништена. И навистина е Премногу. Меѓутоа, има и нешто што е заедничко за овие два големи собири. А тоа е тогаш на 8 септември 91-та, а и денес 18 јуни 31 година потоа, народот е на нозе и на улица затоа што сака да се бори…. Народот сака борба, народот сака да се избори за својата Македонија! – вели Мицкоски.

Тој додаде:

 

И тогаш и сега заедничка е борбата за Македонија. А јас сум тука затоа што ќе се бориме бидејќи другиот избор е Македонија да ја нема повеќе. Да не постои… Секој поминат ден со СДСМ и ДУИ на власт сме поблиску до последниот ден за нашата татковина. Или ќе се бориме и ќе победиме или Македонија ќе ја нема. Запаметете што ви велам! Имаме ли избор?! Ова мора да му биде јасно на секого, како што мора на сите да ни биде јасно дека нè има и уште повеќе ќе нè гледаат насекаде.

Борба во Парламентот!
На протести на улиците!
Низ малаата, градовите и селата!
Борба на градоначалниците, борба во институциите, борба против криминалот, корупцијата и тонењето!
Борба да ја вратиме надежта како на тој 8 септември 1991 и да го направиме спротивното од овие 31 година!

Да изградиме силна држава со способна еономија!
Да обезбедиме заедничка и подобра иднина.
И јас тоа ви го ветувам до последниот атом од мојата сила!
И во оваа наша борба ни е потребна секоја личност.
Секој поединец, секоја група и секоја организација. Треба општествена поддршка, обединување!

Слабите луѓе ни ги донесоа овие неподносливи времиња.
Но тешките времиња создаваат силни луѓе!
Силните луѓе носат подобри времиња!
Ова не е само моја битка, туку наша заедничка борба до победа за нашата Македонија!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.