Со притисок се успеа да се дојде до изнудување на потпишување на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност, рече денеска претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски. Тој, заедно со потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар Предраг Серафимовски беа на состанокот со заменик министерката за здравство и шефот на Кабинет на министерот за здравство.

Каранфиловски рече дека со неговото непотпишување ќе се доведеле во ситуација 11 илјади вработени во здравството да бидат изедначени со минималната плата.

Очекуваме дека денешниот договор во најкраток период, во тек на наредната недела, ќе биде и официјализиран со потпишување, рече Каранфиловски.

Синдикатите минатата недела најавија протест за денеска пред Министерството за здравство кое ги повика на состанок неколку часа пред најавениот протест и по средбата кажаа дека постигнале договор.

Се договоривме. По три илјади денари за сите сестри и по две илјади денари за сите останати од помошно-технички персонал, администрација, доктори, сите вработени во здравството да имаат бруто покачување со мартовската плата, изјави Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на Клинички центар по состанокот со заменик министерката за здравство и шефот на Кабинет на министерот за здравство.

Серафимовски рече дека и од Министерството за здравство треба да излезат и да ги потврдат овој договор.

Инаку, членови на двата синдиката, денеска одржаа протест пред Министерството за здравство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.