Околу половина час траеше денешното продолжение на седницата на Комисија за прашања на изборите и именувањата на кое требаше да се дебатира за предлогот актуелниот републички обвинител Љубомир Јовески да стане уставен судија. По 20 минути мирна атмосфера, дискусијата се претвори во полемики и надвикувања помеѓу претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска од СДСМ, и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали на секој од нив треба да му се дозволи да изнесува процедурални забелешки или не.
Ова беше 20. продолжение на седницата откако на неколкуте претходни токму со процедурални забелешки и повеќечасовни говори пратениците од опозицијата одолговлекуваа со цел да се блокира изгласувањето на Јовески за предлог за уставен судија. Дека тоа е целта, од ВМРО-ДПМНЕ јасно порачаа и денеска.
Тоа јавно ви го кажуваме, и на медиумите и на сите им е јасно дека Љубомир Јовески нема да помине, освен ако вие како претседателка не направите некој преседан, односно познавајќи ве како личност сметам дека такво нешто нема да дозволите ако не бидете принудена од одредени структури во вашата партија нешто насила да се донесе. Се надевам дека тоа нема да го гледаме, рече пратеничката Благица Ласовска во процедурално обраќање.
Таа го повтори ставот на нејзината партија, владејачкото мнозинство да ги повлече актуелните предлози, да се смени начинот на избор на уставни судии и да се повика стручната фела да предложи кандидати за уставни судии. Исто така, го истакна и веќе познатиот предлог самите кандидати да се поканат на седница на Комисијата за да може да им се поставуваат прашања, слично како што беше случајот и при избор на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација.
Георгиевска од СДСМ го дели ставот дека треба да се смени начинот на избор во иднина, но во овој момент, нагласи, си има утврдена постапка и согласно неа се постапува.
За вашиот предлогот дека треба да се размислува за промена на начинот на избор, и јас се согласувам затоа што мислам дека ако има измени тоа ќе даде голем придонес околу демократскиот процес и граѓаните ќе имаат доверба во институциите, рече Георгиевска.
По ваквата размена на ставови, претседателката на Комисијата се обиде да ја продолжи дебата со останатите пријавени за збор, а откако констатираше дека Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, кој бараше да се обрати процедурално, не е ниту член ниту заменик-член на ова собраниско тело посочи дека опозицијата веќе ги злоупотребува воспоставените практики.
Мислам дека почнуваме со злоупотреба на процедуралните забелешки затоа што како сакаме ги третираме. Јас целосно ги почитував процедуралните забелешки, вие знаете дека правев така, но не гледам никаква целисходност тоа да продолжи така, рече Георгиевска.
По ова почнаа дофрлањата од место на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како и инсистирањето на претседателката на Комисијата дека треба да се даваат процедурални забелешки на оние кои се членови или заменици-членови.
Ако ми дозволите, јас ќе ви дадам дузина причини зошто треба да ми дадете (процедурална забелешка), довикуваше Јаревски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.