Лозари протестираат денеска во Неготино, бараат повисоки цени за грозјето и подобри услови за лозаропроизводство. Незадоволните производители на грозје велат дека е ова e предупредувачки протест и очекуваат да им бидат понудени подобри услови за откуп на годинашниов род.

Протестот трае од 10 до 15 часот денеска и утре. На ваков начин го изразуваме својот револт од незадоволителните цени кои пред претстојниот гроздобер ги нудат најголемиот дел од винарските визби. Очекуваме нашиот глас да го слушнат откупувачите на грозје и надлежните во државата кои се посредници помеѓу лозарите и винариите. Се надеваме дека ќе наидеме на разбирање и дека првично објавените цени ќе се корегираат, рекоа организаторите на протестот.

Тие појаснуваат дека најголем дел од винариите повторно манипулирале и со тоа што нуделе помалку пари за килограм грозје, доколку исплатата ја извршат веднаш по откупот.

Стефан Стојчев од кавадаречкото село Сопот е млад лозар кој стопанисува со 30 хектари лозје и верува дека со протестот ќе го привлечат вниманието на јавноста за проблемите на лозаропроизводителите.

Со години наназад се соочуваме со винарска мафија. Најголем дел од винарските визби манипулираат кога се во прашање откупот, цените, шеќерноста, мерењето на килограмите, плаќањето. Редно е да се стави крај на сите овие лозарски маки и конечно лозарите и винарите со посредство на надлежните служби да работат во интерес на двете страни и промоција на македонското грозје и вино, дециден е Стојчев во изјава за МИА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.