На денешен ден, 12.08.1900 година во Велес е роден македонскиот револуционер Ганчо Хаџи-Панзов.
Роден е во едно од најбогатите велешки семејства на почетокот на 20 век.

Уште како ученик се вклучува во револуционерното движење на Велес, поради што е исклучен од велешката гимназија.
Во 1920 година се вклучува во предизборната кампања на Комунистичката партија за општинските и парламентарните избори.
По Обзнаната, заедно со други револуционери од Велес во 1921-1922 година учествува во издавањето на илегалниот весник „Искра” (на велешки дијалект).
Поради исклучувањето од велешката гимназија, заминува за Скопје каде го продолжува своето школување во Поштенско-телеграфското училиште, а потоа работи како поштенски службеник.
Од пролетта 1922 до првата половина од 1923 година служи воен рок во школата за резервни офицери во Скопје.
Постојано е следен и прогонуван, при крајот на летото 1923 година илегално ја преминува граница и заминува за Бургас, каде работел на пристаништето, од кое есента 1924 година преку Грција заминува за Париз.
Таму се вклучува во работата на синдикатите и станува член на Комунистичката партија на Франција. Од 1925 до 1928 година е секретар на балканската комунистичка група.
Се вклучува и во работата на македонската емиграција, и станува член на Македонската народна федеративна група и на ВМРО (Обединета), која се борела за независна и обединета македонска држава.
По почетокот на Шпанската граѓанска војна во јули 1936 година, Хаџипанзов се вклучува во организирање на доброволците кои преку Франција заминуваат за Шпанија да војуваат на страната на шпанските републиканци во борбата против фашистите на генералот Франциско Франко.
При крајот на септември 1936 година Хаџипанзов и самиот заминува како доброволец да се бори во Шпанија против фашистите.
По воената обука се стекнува со чин водник и е избран за командир на вод на Балканската чета во состав на баталјонот „Едгар Андре“, и станува дел од Првата меѓународна бригада што е формирана во октомври 1936 година.
Бригадата брзо по формирањето, на почетокот од ноември е испратена да помогне во одбраната на Мадрид, каде во тек биле жестоки битки со фашистичките сили.
Првиот напад на франкистите е одбиен, а при офанзивата на републиканските сили на 19 ноември на фронтот кај Универзитетскиот град, загинува македонскиот херој Ганчо Хаџипанзов, како еден од првите Македонци жртви на војната.
Во моментот на неговата смрт до него се неговите сонародници, Македонците Борис Атков и Трајко Мишковски, кои подоцна и го погребуваат Хаџипанзов.
Во Шпанската граѓанска војна на страната на републиканците се бореле 137 Македонци доброволци, од трите дела на етничка Македонија. Од нив 65 Македонци ги положиле животите во борба против фашизмот!
Додека живеел во Париз, Хаџипанзов напишал неколку песни.
Пишувал на француски јазик, а од неговото творештво сочувана е поемата „Ќе се вратам” и неколку песни: „Бал на вентилаторите“, „Сирени“, „Алказар“, „Детството на еден град“ и „Поема за родниот град“.
Во 1961 година во книгата „На шпанската земја“ која содржи спомени на Македонци учесници во Шпанската граѓанска војна, првпат е објавена поемата на Хаџипанзов „Ќе се вратам“.
На шестмесечниот помен од смртта на револуционерот, во родната куќа на Хаџипанзов во Велес, неговите другари и почитувачи организираат пригоден собир.
Во таа прилика Кочо Рацин, добар пријател со сестра му на Ганчо, Румена Хаџи Панзова, ја чита песната „Испанска балада“ посветена на трагичната смрт на Ганчо.
Собирот прераснал во отворен бунт против тиранијата, на што веднаш реагирала полицијата, го прекинала поменот и ги однела присутните на сослушување.
ВЕЧНА МУ СЛАВА НА ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ ХЕРОЈ!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.