Со поздрав на македонски јазик и изведба на песната „Јовано, Јованке“ од страна на британскиот воен оркестар, министерката за одбрана Славјанка Петровска беше пречекана при официјалната посета на Обединетото Кралство и средбата со британскиот министер за одбрана, Бен Валас.
Чест ми е што денеска се реализираше мојата прва официјална посета на Обединетото Кралство и средбата со британскиот државен секретар за одбрана Бен Валас. Од Лондон ја испраќаме пораката дека остро ја осудуваме инвазијата врз Украина. Но, истовремено испраќаме и порака на обединетост на сојузниците и подготвеност да ја гарантираме безбедноста на државите – членки на НАТО Алијансата. Македонија и Обединетото Кралство се сојузници со извонредна соработка во одбраната која денеска со колегата Валас ја потврдивме и ја зајакнуваме – вели Петровска.
Петровска во Лондон се сретна и со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуард Пич, а учествуваше и на тркалезна маса посветена на современите безбедносни предизвици и нивното влијание врз Западниот Балкан, организирана од кралскиот институт РУСИ (The Royal United Services Institute).
Петровска се сретна и со Алисиа Херберт, специјална пратеничка на министерката за надворешни работи и министерка за жени и еднаквост во британската влада, Лиз Трас, а во британскиот Парламент имаше и работна вечера со Мартин Викерс, член на Парламентот и претседавач на сепартиската парламентарна група за Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.