Рекламни паноа и билборди фирмата „Скрин медиа“ ѝ изнајмила на ДУИ за време на локалните избори во 2021, а истовремено таа година, била еден од најголемите донатори на партијата, oбјави Телма.

Директор на „Скрин медиа“ е Елмедин Адеми, кој е и прв човек на фирмата „Еуровиа“, која е во  фокусот на јавноста откако го доби тендерот од 1,8 милиони евра за преадаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ заради Самитот на ОБСЕ што треба да се одржи во декември.

„Скрин Медиа“ како што покажува годишниот извештај за донации за 2021, на ДУИ ѝ донирала речиси 20 илјади евра. Додека пак фирмата од партијата за своите услуги наплатила речиси 34 илјади евра и дополнителни околу 3000 евра за изборите за Совет на Општина Тетово кои се одржаа наредната година. „Скрин медиа“ за потребите за изборната кампања за локалните избори била ангажирана од сите партии, но само на ДУИ и донирала пари.

Законот забранува политички партии да се финансираат од „приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“.

Во изминатите три години Адеми и фирмите блиски до него-„Еуровиа“,„Скрин медиа“,„Виаком“, „Талента“, „Енеа“ и „Адел“, ѝ донирале на ДУИ скоро 160 илјади евра.

„Талента“, иако во 2021 година не функционирала под ова име, сепак е на листата на донатори на ДУИ. Во 2020 година „Талента“ била прекрстена во „Виаком“. Фирмата на партијата ѝ ја донирала истата сум на пари како Скрин медиа или речиси 20 илјади евра.

Самостојно Адеми на ДУИ лани ѝ донирал двојно повеќе пари од сите имиња на листата. Додека пак заедно со „Еуровиа“ и „Виаком“ пет пати повеќе од останатите донатори или вкупно 100 илјади евра.

„Скрин медиа“ освен за локалните, била ангажирана и за предвремените парламентарни избори во 2020 година. За своите услуги за време на изборните кампањи фирмата вкупно на партиите им наплатила околу 332 илјади евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.