Системот за управување со кризи ќе се реформира, одлучи Владата, а тоа ќе се направи преку спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Нешто, кое, според Владата, ќе придонесе кон поефикасен кризен менаџмент во иднина. Во меѓувреме, пожарите не стивнуваат, а температурите и натаму се екстремно високи.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера информираше дека на седница на Владата е донесена одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи со цел поефикасно функционирање на системот за справување со кризи.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека е неопходна реформа во системот за менаџирање со кризи.

– Прв чекор што направивме е донесовме одлука да ДЗС и ЦУК да отпочнат процес на фузионирање, оптимирање прво на кадарот, а второ да имаме една институција која во услови на кризен менаџмент ќе знае како да делува по определени протоколи, рече премиерот по вчерашната посета на започнувањето на градежни активности за доградба на објектот „Изворче“ во детската градинка Срничка во Аеродром.

Дополни дека реформите ќе бидат направени откако ќе се изборат со огнената стихија, кога, како што рече „ќе седнеме и сериозно ќе се занимаваме со оваа тема за в година ова да не ни се случи“.

Информираше дека на владината седница одобриле повеќе средства за ЦУК и ДЗС кои се потребни за справување со пожарите.

Премиерот се осврна и на ситуацијата со пожарите при што посочи дека се соочиле со состојба да немаат летала да се справуваат со огнената стихија, додека, во меѓувреме, и пилотите се во пензија.

Немавме летала за да се справуваме со пожарите со кои што почнаа на 10 јули, освен тоа, пилотите беа во пензија. Армиските полициски хеликоптери беа на сервис. Практично, ние голораки, заедно со пожарникарите, припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, со доброволците се бориме дневно со повеќе од 40 огнени стихии, секој ден, на целата територија на државава, рече тој, заблагодарувајќи им се на сите кои што учествуваат во гаснењето на пожарите.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вели дека бројот на пожарите не се намалува и според досегашното искуство, се очекуваат и нови. Тој апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикуваат пожари, а доколку забележат пожар веднаш да го пријават.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.