Претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова денеска го посетија манастирот Св. Прохор Пчински каде разговараа со свештенството.

Сиљановска Давкова положи цвеќе пред спомен плочата на Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија), кое пред 80 години се одржа на денешен ден во манастирот Св. Прохор Пчински.

По средбата со Сиљановска Давкова, Вучиќ рече дека Србија ќе ја продолжи соработката со Македонија и дека заедно ќе работат на изградба на брза железничка пруга до Солун.

Среќни сме што можеме да ве угостиме денеска, ќе ручаме и заедно. Многу сум среќен што можев да ѝ ја честитам победата на изборите и да ѝ посакам успешна работа во наредните години. Ќе работиме на конкретни проекти, на политички прашања, на европскиот пат, на проблемите со кои се соочуваме. Сакам да им го честитам на граѓаните на Србија и на граѓаните на Македонија денешниот празник. Ја молам претседателката во Србија да се чувствува како дома. Убеден сум дека можеме да одиме до над две милијарди евра во нашата размена – рече Вучиќ.

Тој додаде дека оваа посета претставува одлична можност за зајакнување на партнерството и афирмирање на заедничките вредности со цел напредок и развој на целиот регион, a најави и дека претсеадтелката ќе ја посети Србија кон крајот на годината во официјална посета.

Претседателката Силјановска, пак, ги оцени денешните односи на Балканот како скандинавски. Таа ѝ се заблагодари на Србија за помошта во справувањето со пожарите.

Она што го правеа Данска, Финска и Шветска за Латвија, Естонија и Летонија јас го почувствува денеска овде. Односите меѓу двете земји се извонредни, добрососедски во вистинска смисла, односи зад кои стои желба за солидарност и трајна соработка. Ова ми е прва посета како претседателка, знам дека нема да биде поселедна, рече Силјановска.

Македонската претседателка ѝ понуди на Србија да ги чествува своите денови на споменици низ Македонија, како што ние го чествуваме АСНОМ во Прохор Пчињски, предложувајќи двете земји да потпишат договор за ваква соработка.

Јас сум заговорник на регионална соработка. Ако меѓусебе се разбираме и цениме, ќе не разбираат и ценат и пошироко. Затоа сметам дека треба да сториме се да ги решаваме проблемите меѓусебе, да не дозволиме да се решаваат на зелени маси. Не случајно живееме едни крај други, рече Силјановска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.