Осрвнувајќи се на надлежностите кои ги има Претседателот на државата, Силјановска Давкова и Пендаровски значително внимание посветија на судството, односно како да се подобри работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Додека Пендаровски оцени дека и двете институции изминатиот период не биле на ниво на задачата, решението го гледа не во нивно укинување како институции, туку во подобрување на кадарот кој влегува во нив преку ветинг.

Ние можеме да направиме нов судски совет, еве денеска ќе се решиме, и совет на јавни обвинители, меѓутоа јас мислам дека без претходен длабок, прецизно направен ветинг, со странски експерти, со нивна асистенција и помош, ние џабе ќе правиме нови и нови судски совети ако сличен човечки материјал ни влегува во тие судски совети. Нашиот проблем во владеењето на правото не е проблем за еден или двајца кои се погрешно поставени овде или онде, ние имаме проблем со многу повеќе, со неквалитетен човечки материјал, да не кажувам почнувајќи од првичната правна едукација на тие луѓе, начинот како се влегува во судовите и обвинителствата, па се до испорачувањето на правдата, за жал често пати и неправдата. Значи не е само да ги смениме регулативите, туку треба да го смениме начинот како ги селектираме кадрите. Не само најдобрите на факултет, туку и луѓето со интегритет, рече Пендаровски.

Претседателот за ветинг зборуваше и во 2016, и во 2020 и во 2024, му одговори Силјановска Давкова. Според неа, моменталната ситуација во судсвото е резултат на тоа што ветингот останал само како реторика, и не се спроведувал кога можело да биде спроведен.

Зависи на што мисли, и досега можеше да се спроведе ветингот како евалуација или ре-евалуација при секој избор, оти генерален ветинг, оној суштинскиот значи распуштање на сите и влегување во еден проблем. Можеше да се посегне по ветинг кога ги предлагаше претседателот Весна Дамева, Миљзим Мустафа итн. стручни соработници, најслабата алка во судскиот совет. Можеше за директорите на агенцијата за разузнавање, можеше секаде каде што има можност да предлага да го предложеше и овој механизам. Инаку, за сите сум, прво за политичарите, може да има таму и ретроактивно дејство, нема проблем никаков, и мислам дека она што се случува денеска е резултат на тоа што ветигнот беше само реторика и кога можеше да се примени не се применуваше, рече Силјановска Давкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.