Уште еден „пендаровизам“ ?

Политиката познава дузина мисловни „бисери“: „јелцинизми“, „бушизми“, „берлусконизми“, „заевизми“, „борисовизми“, „пендаровизми“….. од кои може да се состави роман, дебел колку „Војна и мир“, пишува професорката Гордана Силјановска Давкова на својот фејсбук профил/

Помните ли кога Претседателот Пендаровски, несреќно му се обрати на г-динот Борисов со „љубави“, небаре Рудолф Валентино. Попусто. Иззуми дека во политиката нема еротика.

Неодамна, видно возбуден од политичките изјави и потези на харвардовецот Петков, го нарече Мандела, несоодветно потсетувајќи на африканерот де Клерк, претседателот на Јужна Африка. Имено, F.W de Klerk реши да го ослободи од затвор Нелсон Мандела и да го отвори „долгиот пат на слободата“, како што ја наслови Нелсон автобиографијата во која ја опиша тешката битка против расизмот и апартхејдот. Можеби , од насушна човечка потреба за сосед – пријател, превиде дека Харвард сигурно гарантира врвно образование и знаење, но потребен е ОГРОМЕН личен напор за постапување според Кантовиот етички императив, изразен во Нелсоновата максима„ мојата и ТВОЈАТА слобода се неразделни“.

Зарем не сваќа претседателот дека во македонско-бугарските односи, Македонецот ја дели судбината на Нелсон Мандела и дека македонскиот народ, по пристојното извинување, како она на de Klerk, може да даде прошка за танталовите маки, како неопходна за македонско-бугарското помирување?

И ЕУ не е невина. Зарем не е ЕВРОПСКИ СРАМ, на толку меѓународни и европски принципи и стандарди, како и богата јуриспруденција на Европскиот суд за човекови права, на македонскиот народ, во 21 -от век да му се негира непотрошното право на самоопределување и Македонците, со националистичко-шовинистичка гума, во името на европската интеграција, да се бришат на „договорните “хартии, правејќи ги „невидливи“? До кога високата цел ќе ги оправдува ниските средства?

Што е следното? Ќе треба ли да клекне претседателот Пендаровски на колена пред Петков за да му се извини што Македонците не сфатиле дека Делчев бил „Бугарин“ кој се борел за самостојна Македонија, небаре Гевара, наместо Петков да ја превземе улогата на de Klerk и Вили Брант?

До кога ќе ни го тетовираат здравиот разум со (не)македонски политички мазохизам до степен на национален нихилизам?



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.