Новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска Давкова денеска го прославува својот 71 роденден.

Државната изборна комисија утрово ја објави конечноста на резултатите од претседателските избори, констатирајќи ја Силјановска Давкова за Претседател на Република Македонија избрана со мнозинство гласови од избирачите кои гласале, односно 561.000 гласови.

Честитка по повод роденденот на првата жена претседател на Македонија пристигна од поранешниот албански претседател Илир Мета. Тој и честиташе на Силјановска Давкова преку социјалните мрежи на македонски и англиски јазик.

Имам посебно задоволство денеска да и ги пренесам моите најсрдечни честитки по повод нејзиниот роденден, новоизбраната претседателка на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова. Долг живот, полно здравје и многу успеси во исполнувањето на должноста и високите државни обврски во поглед на европската иднина на Македонија и незапирливото зајакнување на одличните меѓусоседски односи меѓу нашите две земји и народи, упатува во честитката поранешниот албански претседател Илир Мета.

Силјановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 во Охрид. Основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала.

Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment – between Norms and Reality“ во 1994.

Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994).

Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија.

Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.