Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, го примила директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Како што информираат од Кабинетот на Сиљановска Давкова, на средбата било разговарано за неопходноста од реформи во системот за управување со кризи, потребата од измени на Законот за управување со кризи, како и за владината одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.
Ангелов, ја запознал претседателката со системските проблеми и недостатоци со кои се соочуваат, неефикасноста и преклопувањето на нивните надлежности со функциите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Претседателката посочила дека пожарите што ја зафатија земјава ги потврдија критичните недостатоци во системот за управување со кризи, и ја истакнала неодложната потреба од суштинско реорганизирање и сеопфатни реформи, што е од клучна важност за ефикасно справување и соодветна реакција во кризни состојби.
Во соопштението се наведува дека на средбата била потенцирана и важноста од натамошна координација и соработка помеѓу претседателката, Владата, Армијата и сите релевантни домашни и меѓународни институции со цел навремено и соодветно делување во услови на кризна состојба.
Ангелов на средбата информирал и за тековните состојби со пожарите, како и за мерките и активностите кои се преземаат за нивно ставање под контрола и гаснење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.