Утре ни пристигнува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Искрено, прво што очекувам е да ни га прегрне и бакне нашиот Таче. Онака искрено, пријателски и од срце. Зашто, ваков курсист на Харвард ретко се наоѓа.
Само Димитар Ковачевски, во функција на премиер намесник на Република Македонија и лидер на владејачкиот СДСМ, може да направи глупост од планетарни размери. Да го прифати францускиот предлог за укинување на бугарското вето за заедничка фотосесија со европските бирократи. А, на официјалниот почеток на преговорите за членство на Македонија да чека две години.
Тогаш, а можеби и никогаш нема да дојде во ситуација да има двотретинско мнозинство во Собранието за менување на Уставот, со цел вметнување на македонските Бугари во него за официјален почеток на преговорите.
Официјалниот почеток на преговорите, пак, практично ќе претставува почеток на бескрајното патување кон членството во ЕУ се до конечното укинување на македонизмот под притисокот на бугарскиот национал-шовинизам. Таче наш и неговите слепи следбеници и послушници од СДСМ донесоа одлука да ги самоукинат Македонците! И тоа јавно да го манифестираат на собраниска седница.
Глупоста направена со потпишување на асиметричниот Договор за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, со фамозниот термин „заедничка историја“, сега само се надоградува. И тоа на дваесетина дена пред Илинден!
Знае ли власта на СДСМ што сега ќе слави на Илинден?! На 2 Август, на денот на св.Илија Громовник, што до сега се славеше како Денот на Републиката!, прашува „Пресинг ТВ“ во својата анализа.
Апсолутно не! А, како што стојат работите, тоа не ја ни интересира. И тоа предавство нема да и го простат ни Македонците, ни св.Илија Громовник.
Претседателот Стево Пендаровски вчера беше во посета на Струга и на спомен-куќата на браќата Миладиновци. Не ги именуваше како Македонци, па само го потенцираше нивното значење за македонската култура. Велат, стравот лозје чува. Само пред неколку дена се правеше големо „мажиште“. Возвраќајќи на пцоста на лидерот на Левица на Фејсбук-статус, Димитар Апасиев, Пендаровски меѓу другото забележа:
-Ако имаше нешто меѓу нозе ќе ме испцуеше во лице, а не да се крие зад тастатурата. Преку глава ми е такви големи македонски мажиња.
Како што нему му е преку глава од такви големи мажиња, нам ни е преку глава од такви големи претседатели, кои се плашат да споменат дека некоја историска личност била Македонец. А, за глумењето големо „мажиште“ не треба ни да се говори. Зашто, токму претседателот Пендаровски минатата година се уплаши од народот македонски и прославата на Илинден ја сведе на панаѓурска, шаторска забава. Со тоа стана првиот претседател на Република Македонија, кој немаше свое обраќање.
Нашето претседателско „мажиште“ не му возврати ни на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој го „потсети“ дека браќата Миладиновци се Бугари и оти нема бегање од „заедничката историја“, која сега, со францускиот предлог, ќе мора да се спроведува по хоризонтална линија.
А, февруари беше, на чествувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, кога Пендаровски го спореди бугарскиот премиер Кирил Петков, сега во оставка, со Нелсон Мандела.
-Да ви кажам најискрено, од она што го слушам од Петков, последниве недели откако е премиер, е како да зборува Нелсон Мандела, ако го споредите со тоа што зборуваа неколку министри од претходната влада на Борисов. Имавме дневна количина на навреди кон нас како народ и како нација, изјави тогаш тој.
Според шефот на државата, Петков се држел до тоа што му е надлежност и дека не ја влошувал ситуацијата во односите, иако морал да маневрира и во внатрешниот политички контекст на Бугарија.
Истиот тој бугарски Нелсон Мандела успеа во тоа што не успеаја неговите неколкумина претходници-сите бугарски барања и услови да станат дел од преговарачката рамка за преговорите за членството на Македонија во ЕУ.
Со ова, според бугарскиот наратив, Илинденското востание станува Илинденско-Преображенско. Според нашиот црковен календар, Илинден секогаш е на 2 август, а Преображение на 18 август. Според бугарскиот верски календар, пак, двата празника се со други датуми, па историската комисија ќе треба да се пазари според кој календар ќе се празнуваат двете востанија!?
Истовремено, се губи значењето и на 2 Август 1944 година, денот на одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, вториот темел на македонската државност. И кој од големата тројка македонски државници ќе оди годинава во Пелинце, пред кого и што ќе говори?! Толку од државотворноста на владејачкиот СДСМ и „државничките визии“ и на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.