До Општина Штип не пристигнало ниту едно барање за поставување фотоволтаици на индустриски градби со цел да добијат легален статус на објектот.

Раководителот на Сектор за урбанизам при Општина Штип, Лазар Хаџи Николов, вели дека интерес има, но официјално барање до нив не е пристигнато, а рокот истекува на 26 јануари годинава.

Можат да се поднесат барања за издавање одобрение за градење во случаите кога истите се изградени согласно со параметрите со постоечките урбанистичко-плански документации. Услов за ова беше истите да имаат извршено и извештај за извршен технички преглед и да се изградени на земјиште со решени имотно-правни односи. Законската регулатива како рок за поднесување ваков тип барање предвиде три месеци од стапување на сила на овој Закон, што значи дека веќе на 26 јануари 2023 година рокот за поднесување на вакви барања истекува. Досега во Општина Штип неколку заинтересирани субјекти пројавија интерес и истите вршеа консултации околу текот на постапката, но до денес нема ни едно барање за издавање одобрение за ваков тип објекти, вели Хаџи Николов.

Еден од условите за добивање легален статус на дивоизградениот стопански објект е фотонапонските панели да се постават во рок од една година, во спротивно одобрението се поништува.

Од друга страна, пак, интересот за поставување фотонапонски панели на објекти и на земјиште расте. Пред Општината има неколку постапки кои се во тек за добивање акт за фотонапонски панели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.