Министерот за образование и наука Јетон Шаќири очекува до задутре да почне наставата по неколку стручни предмети во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) откако ќе се добијат согласности од Министерството за финансии за продолжување на договорите на дело на професорите, кои се истечени на 31 декември.

Во гимназијата имаат настава, но не по сите предмети. Денес се испратени последни дописи до Министерството за финансии. Има нови правила на Законот на извршување на буџет и по нив е постапено. Со Законот има промена на постапките помеѓу институциите и тоа ќе се решава денеска или утре. Очекувам позитивно мислење од Финансии – рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по потпишување Меморандум за соработка со Амбасадата на Швајцарија за 2023-2026.

Со директорката на МИГ, рече, денеска имал координација во врска со часовите и нивното надоместување.

Ако се осум стручни професори и ако е само една недела по два часа што не држеле настава, ќе се надомести во периодот кога ќе добијат согласност. Според моите информации, и претходната учебна година, кога второто полугодие почна на 1 февруари, исто така договорите на тие вработени беа продолжени од 15 февруари. Истата ситуација беше и лани, но иако немале договори, ја продолжиле наставата – рече Шаќири.

Станува збор за професори кои не се во редовен работен однос и договорите на дело им се продолжуваат со почеток на календарската, а не на учебната година.

Договорите им биле до 31 декември. До Министерството за финансии кажав дека ќе обезбедиме целосно средства од наша страна ако е потребно да се продолжат договорите на тие вработени… Ако може во текот на годината да обезбедиме и да не бидат на определено, туку на неопределено време. Но тоа е нова гимназија, тука е и работното искуство…, додаде министерот за образование и наука.

За ова денеска реагираше и Сојузот на средношколци со апел „што побрзо да се реши проблемот во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) бидејќи апсурдно е учениците од оваа гимназија да имаат по само еден до два часа дневно“.

Недозволиво е поради неможноста МОН и Министерството за финансии да најдат заедничко решение учениците да немаат настава за осум стручни предмети во МИГ. Со жалење ја констатираме состојбата во гимназијата која беше замислена како елитна образовна институција за учениците талентирани по математика и информатика, напиша Сојузот на средношколци во реакцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.