Министерот за образование и наука Јетон Шаќири попладнево се сретна со Советот на родители на ООУ „Тодор Јанев“, жителите на Чашка и градоначалникот Горан Стојановски со кои разговараше за изнаоѓање на решение за новоформираната паралелка на албански јазик.

Жителите на Чашка втора недела протестираат барајќи овие ученици да се вратат во паралелката со македонски јазик. Паралелката со шест првачиња на албански наставен јазик профункционира од минатиот четврток. Останатите 59 ученици од второ до деветто одделение од албанска националност понатаму учат во одделенијата заедно со своите другари Македонци.

По средбата, министерот Шаќири не даде изјава, но од Советот на родителите изјавија дека добиле ветување дека Министерството за образование и наука ќе и ги врати ингеренциите на општината, одземени пред неколку месеци.

Додека траеше средбата, пред општинската зграда протестираа родители и жители на Чашка.

Добивме ветување од министерот дека тоа ќе биде правно разгледано и во најбрз можен рок ингеренциите ќе му бидат вратени на градоначалникот. Временски не знаеме кога тоа ќе се случи. Понеделник ќе имаат состанок по тоа прашање. Бојкотот на наставата продолжува и понатаму со тоа што родителите секое утро ќе протестираат пред училиштето, а децата ќе бидат дома, изјави Цвета Пешовска од Одборот на родители.

Во врска со, како што велат, незаконското работење на в.д директорката на училиштето Елена Николова, од министерот Шаќири добиле ветување дека и тоа прашање ќе биде разгледано.

Од петокот кон протестот се приклучија и наставниците.

Во ООУ „Тодор Јанев“ во учебната 2023/24 година учат 210 ученици, а со 104-те ученици од подрачното училиште во село Мелница, вкупниот број на ученици изнесува 314. Во населба Чашка настава следат 65 ученици од албанската етничка заедница. Тие со организиран превоз доаѓаат од населени места Бањица, Отиштино, Горна Чашка, Еловец, Голозинци, Бусилци, Крива Круша и Ново Село.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.