Грчките власти и денеска ја продолжуваат потрагата по 28-годишниот Мартин, кој исчезна пред два дена на плажа на Халкидики. Денеска спасувачката акција беше отежната поради силниот ветер. Властите велат дека трагаат според тоа колку им дозволуваат условите.

Има многу силен ветер и затоа бродовите што излегоа на море и крајбрежната стража не можат да работат. Во моментов ги истражуваме сите можни делници и чекаме да видиме какви ќе бидат временските услови – вели еден член на спасувачкиот тим.

Спасувачките тимови велат дека штом ќе се смири времето, ќе ги искористат и подводните дронови.

Во попладневните часови, во Грција пристигнаа членовите на семејството на момчето кое всушност летово дошло од Америка, каде што живее.

Од МНР велат дека се во постојан контакт со грчките власти.

Нашите претставници остануваат во интензивни контакти со надлежните институции на Грција и секоја навремена информација ќе биде пренесена. Им благодариме на крајбрежната стража на Грција, воената авијација и локалното население, како и на волонтерите вклучени во потрагата за нивниот придонес и пожртвуваност – велат од МНР

Двајца од тројцата наши граѓани кои исчезнаа се спасени и се во добра состојба. Според информациите од грчките медиуми, сè почнало кога тројцата, инаку на возраст од 25, 28 и 30 години, славеле роденден, а завчера доцна попладне влегле во морето на плажата Посиди, по што силните ветрови и струи ги однеле на отворено море.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.