Во Собранието на Македонија за денеска се закажани седници на три собраниски комисии, а членовите на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање ќе ја посетат Агенцијата за разузнавање.

Комисијата за финансирање и буџет треба да ја одржи 34-та седница на чиј дневен ред се финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2022 година, како и предлог измените на Законот за данокот на додадена вредност и на Законот за игрите на среќа. По завршување на оваа седница, Комисијата за финансирање и буџет ќе ја продолжи 16-та седница на чиј дневен ред е преостанат Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија, по скратена постапка, како и 17-та седница, на чиј дневен ред се повеќе предлог-закони за изменување на закони од финансиската сфера.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците треба да ја продолжи 37-та седница на чиј дневен ред се годишните извештаи за работата на Советот на јавните обвинители за 2020 година и на јавните обвинителства за 2020 година, како и Извештајот за реализација на Судскиот буџет за 2020 година.

Комисијата за економски прашања, пак, треба да ја продолжи 10-та седница на чиј дневен ред се преостанати Предлог финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и Предлог одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2022 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.