Целиот регион, вклучително и Интерпол, се вклучи во потрагата по 14-годишната Вања Горчевска од Скопје, која исчезна на 27 ноември на пат кон училиште.
Јавноста во Македонија е загрижена за нејзиното исчезнување, имајќи предвид дека Вања исчезна во еден од најфрекфентните делови на градот, Дебар маало. Вања е исчезната веќе петти ден, а веста за нејзиното исчезнување се споделува во медиумите и на социјалните мрежи низ целиот регион, вклучително и Србија и Грција.
Мајката Зорица за српски „Телеграф“ вели дека Вања не пријавила никакво злоставување, дека семејните односи не се нарушени и дека немаат непријатели.
Мислам дека е киднапирана. Вања излезе од дома насмеана, ѝ дадов пари за појадок и таа отиде на училиште. Наставничката ме извести дека не дошла на час, ние сме во постојана комуникација, ѝ кажав дека Вања не е болна, раскажува таа.
Зорица вели дека Вања не излегува многу, има неколку другарки и најчесто е дома.
Ги проверивме сите нејзини профили на социјалните мрежи, ги имам сите нејзини лозинки, не забележавме ништо чудно. Вања не е таква девојка. Се сомневам дека е киднапирана, Господ да ми прости ако грешам. Да знаев дека побегнала од дома и да имав проблеми со неа, сигурно немаше толку да паничам, додава таа.
Од МВР информираа дека за решавање на случајот и пронаоѓање на 14-годишното девојче е постапено веднаш по добиената пријава, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани се камери.
Податоците за исчезнатото лице на 28 ноември во 13.00 часот се ставени на Стоп-листа на граничните премини, а на барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнато лице од страна на Интерпол, велат од МВР.
Се додава дека истрагата продолжува интензивно и се преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање на лицето.
Вања Ѓорчевска исчезна во понеделникот утрото во Скопје, на пат кон училиштето Песталоци во близина на Дебар Маало. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата.
Девојчето е високо 175 сантиметри, тешко 58 килограми. Има темнокафеава коса, кафеави очи, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Пред исчезнувањето била облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носела школски ранец и мобилен телефон ‘ајфон’“, објави МВР.
Освен полицијата, по Вања тргаат и нејзините соученици од училиштето „Јохан Хајнрих-Песталоци“, кои лепат нејзини фотографии во градот, а во потрагата се вклучени и семејството, роднини и пријатели и голем број граѓани.
Семејството и полицијата постојано апелираат да не се споделуваат дезинформации на социјалните мрежи и во медиумите кои ја попречуваат истрагата и го вознемируваат семејството на исчезнатото девојче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.