Министерството за правда денеска информира дека до него не е доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението „Цар Борис Трети”.

Соопштението на Министерството следи по негативната реакција на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, кои соопштија дека се згрозени и навредени од регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза“.

– Очигледно е дека зачестија регистрации на здруженија со бугарска самосвест кои носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија. Тоа е свесна провокација и навреда за Еврејската заедница, навреда за македонската држава и за нејзините граѓани… или некој можеби мисли поинаку, дека на овој начин, со промоција и величање на фашизмот и нацизмот, се зајакнуваат добрососедските односи?!, се наведува во вчерашната реакција на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Тие посочуваат дека името на царот Борис Трети е поврзано со прогонот и уништувањето на Евреите од окупираните територии од страна на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна.

– Да потсетиме, цар Борис Трети и Владата на Царска Бугарија се директни виновници за депортацијата на повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии во Македонија, Грција и Србија, од кои 7.144 се Евреи од Македонија, во центарот за убивање Треблика, во окупирана Полска. Цар Борис Трети на 21 јануари 1941 година го потпишува антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата, ја презема паролата на нацистичка Германија „Eден цар, еден народ, една држава“ и е докажан заговорник за спроведување на т.н. „Конечно решение на еврејското прашање“. Ова е еклатантен пример на негирање и искривоколчување на холокаустот, на исмевање и навреда за Евреите, се додава во реакцијата.

Борис Трети, чие цело име е Борис Клемент Роберт Марија Пиj Станислав Сакскобургготски, станува „Цар на Бугарите“ на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна.

По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Македонија. Умира неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер. Него на престолот го наследува син му Симеон Втори, кој останува на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.

Oва е поврторување на приказната со клубот „Ванчо Михајлов“ кој исто така беше отворен без дозвола од Министерството за правда туку амин даде Централниот регистар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.