Уставниот суд оформи предмет во кој ќе ја разгледува уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи и оспорените членови 1,2 и 3 во иницијативата која ја поднесе Хелсиншки комитет за човекови права.

Во иницијативата на Хелсинсшки се наведува дека со оспорените членови се напушта нивото на заштита кое го нудат позитивните законски прописи и меѓународните конвенции и е обид да се наметне механизам за заобиколување на веќе поставените правила.

Подносителите наведуваат дека се создава опасност од нееднаков третман на работниците и дискриминација од страна на министерот за финансии кој во согласност со министерот за труд и социјална политика, го пропишува начинот и местото на исплата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење утврдено со закон. Дополнително оспорениот член со кој се предвидува исклучок од траењето на прекувремената работа подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно за работење на проекти од стратешко и национално значење според подносителите создава правна несигурност и простор за толкување и манипулација со вкупното времетраење на прекувремената работа без да се утврди горна граница, стои во иницијативата.

Предметот е предаден на работа кај тимови од советници и судии и е во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.