Во рамки на претседавањето на Македонија со САД-Јадранската Повелба на 19 мај 2023г. Министерството за надворешни работи на Република Македонија во соработка со Амбасадата на САД во Република Македонија организираше Конференција за Стратешки комуникации со наслов „Медиумска писменост и справување со дезинформации – подготвеност на институциите за заштита од хибридните влијанија“.

Конференцијата почнa со воведни обраќања на државниот секретар во министерството за надворешни работи, Филип Тосевски и Аугуста Филибин од Амбасадата на САД во Скопје. На предметната Конференција во рамки на три тематски сесии, со учество на реномираниот американски експерт Енди Карвин, претставник од НАТО Одделот за јавна дипломатија, како и бројни реномирани домашни експерти, претставниците на земјите членки и набљудувачи на САД- Јадранската Повелба, медиумските организаци и граѓанското општество дебатираа и разменуваа мислења и најдобри практики за справување со хибридните закани и дезинформациите. Притоа беше особено нагласено значењето на медиумската писменост како една од алатките која низ образовниот систем придонесува кон изградба на едно општество со граѓани кои се способни критички да размислуваат, да ги анализираат и проценуваат информациите што им се сервираат и на тој начин да ја зајакнат демократската отпорност на општеството кон различни малигни влијанија.

Министерството за надворешни работи ќе продолжи со активности за подигање на свесност за постоењето на опасноста, но истовремено искажува и спремност и стремеж за справување со сите предизвици што произлегуваат од хибридните закани.

Македонија во јануари 2023 година го презема претседавањето со САД Јадранската Повелба, во година кога се одбележува дваесет годишнината од нејзиното потпишување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.