Во лоши политички услови, економски и енергетски кризи Општина Прилеп видно напредува и отскокнува од досегашните години и се промени во сите сфери на општественото живеење. Прилеп од град на сивило и безнадежност премина веќе во град каде самодовербата и надежта дека за негова иднина граѓаните ја увидоа уште во првата година, изјави градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески на денешниот отчет даден на Саемот на промените што носат иднина во организација на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека се вложиле максимално, со активна работа во реализирање на проектите и подобрувањето на квалитетот кој дојде до израз во општината.

Сето ова ни беше наш поттик и мотив да водиме секојдневна борба, сите препреки со кои се соочивме не да ги прескокнеме, туку да ги решиме и да ги минимализираме. Со тоа докажавме во што се разликуваме од претходната локална власт. Во таа насока со голема упорност и многу работа ги направивме потребните чекори за изнаоѓање на решение кои нашите граѓани го увидоа, рече Јовчески.

Јовчески посочи дека за прв пат е доведено во завршна фаза и водоснабдувањето во нашиот град со проектот Пашовски ливади каде реконструиран е огромен дел од незавршените траси и приклучоци. Потоа самата реконструкција и уредување на нов плоштад е во висина од 3,500м квадратни со нов инфраструктурен изглед на плоштадот. Како и за прв пат се одвоени средства во висина од околу 30 милиони денари за подобрување на условите во сите училишта.

Реализиравме многу проекти од витално значење на градот и населените места. Од општинскиот буџет асфалтиравме голем број на улици, реконструиравме, саниравме оштетувања. Создадовме услови за почиста животна средина, исчистивме огромен број на депонии, потенцираше Јовчески.

Тони Коњановски, градоначалникот на општина Битола нагласи дека за 365 дена се сработи многу. Тој нагласи дека кога се кандидирал за градоначалник на граѓаните на општина Битола им ветил транспарентност, отчетност и континуитет во работењето.

Во делот на инфраструктурата би почнал со можеби најкапиталниот дел , проект кој што го нарековме „23 улици“ од кои 19 се веќе завршени, со должина над 10 километри. Тоа се работи за реконструкција, обнова, нови улици, зависи во која фаза и според планската документација секој од овие проекти е засебно значаен. Да кажам дека Битола е градилиште оваа цела година, заклучи Коњановски.

Градоначалникот на општина Битола посочи дека се започна и со еден процес на одглавување на делот на легализација. Една просторија во локалната самоуправа беше затрупана со пакети, таму имаше илјадници нерешени предмети на граѓаните, а за нив живот значат. Во првите денови стотина веднаш се решија, односно се одговори на барањата на граѓаните. Досега околу 1.700 предмети на легализации се завршени.

Сакам да кажам дека веќе се спремни за идната година 65 проекти кои што се во завршна фаза, дали со проектна документација или со дозвола за градење, одобрение за градба. Значи идната година ќе биде уште пожестока тоа им го ветувам на граѓаните, вети тој.

Тој рече дека од средствата за подобрување на животна средина преку 26 милиони се реализирани од развојната програма уште седум милиони. Инвестицијата за „23 улици“ чини преку 265 милиони денари.

Во делот на капиталните инвестиции годинава ќе ја завршиме со над 75% реализација и над 85% реализиран извршен буџет. Оваа ситуација никогаш досега не била во Битола. Од многуте проекти се и колекторот до село Брутник, колектор и пречистителна станица за националниот парк Пелистер. Еден од поголемите проекти кој идната година ќе го реализираме и во соработка со Светска Банка тоа е индустриската улица, тоа е улица од 2.4 километри која фактички е нова заобиколница, која ќе реши многу проблеми од сообраќајот во градот, денешна улица „Бурса“ таму егзистираат преку 50-тина субјекти од стопански на чие задоволство навистина ќе се направи оваа заобиколница. Исто така комплетиран е потегот на пристапот од Ресен, улицата „Довлеџик“ и пред реализација сме на мостот кој што треба да се направи. Бевме затекнати со ситуацијата, па правиме уште еден мост, уште една девијација која некој за жал не ја предвидел. Од делот на влезот што се однесува до – од Скопје, едната од болни точки на Битола, изготвуваме проектна документација, тоа е огромен проект за кој што ќе почекаме нашата централна власт да учествува во делот до влезот на таблата за Битола, а она што е другото наше ние ќе си го сработиме, појасни градоначалникот на општина Битола.

„А, во делот на проектите поголеми, готов е проектот за нова единица на зградата за територијална противпожарна единица, имаме стар објект, кој веќе е руиниран и не ги исполнува стандардите за еден град како што е Битола, така да ќе направиме нова зграда, а во текот на идната година тоа го отпочнуваме. А, во меѓувреме со нашите пријатели од странство набавивме три теренски возила и уште едно ново, значи четири теренски возила, со комплетна опрема за спасување од големи елементарни непогоди“, заклучи тој.

Тој го посочи и новиот парк во Битола кој го вети на граѓаните, со огромна површина над 25.000 квадратни метри е во реализација. Тука се вклучени сите претпријатија како што се ЈП „Комуналец“, „Нискоградба“ и „Водовод“. Зелените површини се приоритет на градот Битола.

Во индустриската зона „Жабени“ се продадени 13 парцели, после еден застој од цели четири години. Тоа е една голема површина, заклучи Коњановски.

„Туризмот, културата тоа се една сфера која заедно оди сама по себе. Огромна поддршка имаме за спортот, не само професионалниот, туку и училишниот. И сите оние спортски друштва кои ја имаат огромната поддршка на Општина Битола. Можам да кажам дека општина Битола можеби најмногу од сите издвојува и тоа над еден милион евра за спорт, како поддршка за спортот“, укажа градоначалникот на општина Битола.

Тој додаде дека во делот на социјалната заштита, реконструирана е салата во Центарот за социјална заштита, тука е поддршката за над 800 првоодделенци за кои се издвои по 3.000 денари. Значајна е поддршката која ќе се даде и на сите наградени на средношколски, регионални и државни првенства и манифестации во делот на чествувањето на Св. Нектариј празникот на Битола.

Драганчо Саботковски, градоначалник на општина Могила на денешната трибина „Промени што носат иднина во пелагонискиот регион“ на политичкиот саем кој го организира ВМРО-ДПМНЕ зборуваше како ја затекнал општина Могила каде ги посочи долгот од 30 милиони денари, исклучена електрична енергија, задоцнети плати во јавното комунално претпријатие, блокирани сметки во училиштата и така натаму.

За прв пат во општина Могила ќе се изгради детска градинка со капацитет од 40 дечиња, долгоочекуван проект за жителите на општина Могила, каде ќе се реши проблемот на родителите кои имаат таква потреба .Општина Могила ја преземав со преголем долг каде и денес ја отежнува нормалната работа на општината. Општинскиот буџет го наследив со 600 илјади денари на сметка и со долг од 30 милиони денари, исклучена електрична енергија, задоцнети плати во јавното комунално претпријатие, блокирани сметки во училиштата. Но сепак еве по една година успеавме да ја одблокираме сметките на училиштата, да ги исплатиме задоцнетите плати во јавното комунално претпријатие и да одобриме средства за нови мерки, тоа беше еднократна парична помош за првачињата. Освен првачињата парична помош добија и социјално загрозените семејства и дечињата со попреченост.

Саботковски во текот на своето обраќање се осврна и на проектите кој тој ги има спроведено откако е градоначалник каде ги спомена проектите во културата, спортот како и во инфраструктурата.

Имавме богати културно лето „Могила 2022“, многу настани кои ги поддржавме финансиски. Исто така и спортот и културата, каде за спортот зголемивме финансиската помош кон сите спортски клубови каде имавме и меѓународен турнир во јуниори кој доста добро одекна во Пелагонискиот регион и ќе се потрудиме да стане традиционален. Имавме 45 години од традиционалниот мал фудбал кој е бренд на општината. Исто така изградивме фитнес зона во склоп на фудбалското игралиште во Могила, кој е проект поттикнат од младите. Изградена е главната улица во Могила, изградивме тротоари, кружен тек и со тоа општина Могила ќе добие ден модерен, урбан лик. Морам да ја споменам индустриска зона, тоа е зона која се планира десетина години, и за прв пат во оваа зона изградивме водовод, наредниот период ќе ја доопремиме и следната година ќе ја имаме првата инвестиција во индустриска зона, додаде Саботковски.

Градоначалникот на општина Новаци Стевче Стевановски пред присутните потенцираше дека ако се направи анализа и ретроспектива на програмата со која што настапил на локалните избори од 130 проекти, за само една година реализирал 58 проекти.

Ако направиме една ретроспектива и анализа на програмата која што ја ветивме пред граѓаните пред точно една година, во програмата имавме 130 проекти, и од нив реализиравме 58 проекти. Значи може да се пофалиме дека го исполнуваме ветеното пред нашите жители, рече Стеваноски.

Реализиравме еден крупен инфраструктурен проект оваа година во село Зовиќ асфалтиравме улица од околу 6 милиони денари, во Мариовскиот дел асфалтиравме улица до манастирот Св. Илија, таму ќе се вложат 5 милиони денари, од инфраструктурните проекти можам да се пофалам дека оваа година асфалтиравме улици во скоро сите села. Исто така изградба на водовод за три населени места Бач, Живојно и Добровени кои што до сега се снабдуваа со приватни извори на водоснабдување кои што не ги задоволуваа основните услови на квалитетна вода за пиење, сега со вредност на проектот од околу 27 милиони денари овие три населени места во општината ќе добијат квалитетна вода за пиење, изјави тој.

Градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски се осврна пред се проекти од патната инфраструктура.

Изграден е пат до манастирот Свети Том кој е одличен потенцијал за развој на туризмот скоро 11 милиони денари чини овој проект, пат до село Слоештица во должина од 2 километри во висина од 15 милиони денари, се реконструира крак од улицата 11 Октомври во должина од 300 метри“, рече Најдовски.

Најдовски истакна дека преку Пелагонискиот плански регион има два проекти важни за градот изградба на 1600 метри тротоари и целосна реконструкција на улицата 11 Октомври. Тој информираше дека општината има подготвено два капитални проекти со кои ќе аплицира за средства за комплетно нов парк во Демир Хисар и реконструкција на шеталиштето во градот.

Градоначалникот на општина Ресен, Јован Тозиевски истакна дека општината со сопствени средства успеа да реализира премногу, затоа што најголемиот дел од проектите беа финансирани од сопствениот буџет.

Би почнал со патната инфраструктура. Во отчетот имаме 18 улици, но од вчера и завчера се веќе 20, а ако биде добро времето наредната недела ќе бидат 21 со вкупна вредност од над 20 милиони денари. За основен буџет од 120 милиони денари, 20 милиони се многу. Најголем дел од тие улици се во места кои што се тешко пристапни и во минатото се одбегнувани, а некои дури по педесетина години за прв пат виделе градежна машина. Заедно со тимот од јавното претпријатие и со општината успеавме инсталираме подземна инфраструктура од околу еден километар водоводи и канализации, атмосферска и фекална. Продолжуваме понатаму, во тој дел ја имаме и веќе завршена физибилити студијата за води заедно со професорите од Градежен факултет која што во иднина многу ќе ни олесни да можеме да ги реализираме проектите за водоснабдувањето. Бевме ангажирани да постигнеме во сите полиња, така да во образование ја реконструиравме старата детска градинка „11-ти Септември“, а исто така реконструиравме и три кабинети, инсталација на водоводна и канализациона мрежа и електрична инсталација во училиштето во Подмочани, продолжуваме во истото училиште и веќе склучуваме договори УСАИД за да продолжиме да го средуваме. Во делот на социјалната заштита, поделивме на 105 првачиња по 2 илјади денари парична помош, поделивме на 100 социјално загрозени лица 3 илјади денари и на 60 новородени бебиња од 5 илјади зголемивме на 7 илјади денари. Помагаме на секое поле колку што можеме, но морам да напоменам дека исклучително е важна соработката на Преспа како регион со свои специфики, бидејќи имаме два гранични премини, национални паркови, езерото и слично, затоа имаме многу соработници од Европската Унија и од соседството. Така со нашата партнер општина Преспа од Грција ги завршивме два големи проекти, а тоа е поставување на фотоволтаична централа на општинската зграда со моќност од 20 киловати, две возила за потребите на општината“, истакна Тозиевски и додаде:

„Друг многу важен проект кој го промовиравме со претседателот се патеките на светите води кои ги поврзуваат манастирите, под пелистерските манастири во должина од 12 километри и двата проекти се во вредност од по 8 милиони денари. Продолжуваме и понатаму со соработката и за наредната година веќе сме во преговори за тоа кои нови проекти би ги аплицирале“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.