На денешен ден, 22 февруари 1878 година, во Охрид е роден македонскиот војвода и еден од најголемите великани на ВМРО – Христо Узунов.

Христо Димитров Узунов или познат како Арсениј, Арсо, Дуле, Маглата, Ристо, Самуил или Дуле Узунов бил македонски револуционер, учител, војвода и реонски началник на четите на Македонската револуционерна организација во Охридскиот револуционерен округ. Се школувал во Солун и учествувал во солунските училишни бунтови (1896). Лежел во битолскиот Централен затвор Катилане (1898 и 1902–1903). Од 1903 година бил поставен за главен војвода на охридските револуционерни чети. Учествувал на Смилевскиот конгрес. Во Илинденското востание бил член на Горското началство (Штабот) за Охридскиот револуционерен реон. Учествувал во спасувањето на збегот од Рашанец на ок. 200 семејства. На Прилепскиот конгрес бил избран за секретар и за окружен ревизор на четите на МРО за Охридско, Струшко и Кичевско. Загинал со четата опколен од турска војска.

Ако некој може да се нарече совест на македонското револуционерно дело, тоа е Узунов. Неговиот огромен идеализам, неговото родољубие е толку големо, што во едно од неговите најпознати писма до неговата мајка, тој отворено и кажува дека повеќе ја сака неговата втора мајка – Македонија, отколку неа, што го родила, притоа истакнувајќи дека не сака да ја навреди родената мајка, но дека сега и е многу попотребен на Македонија, која се наоѓала во многу големи маки и на која и била потребна неговата помош.

Загинал на 24 април 1905 година во кичевското село Цер. За да не им паднат живи в раце на Турците, тој и неговите 13 соборци последните куршуми ги истрелале во себе.

Војводата Христо Узунов ќе остане запишан со големи букви во македонската историја. Неговиот патриотизам, преданост и верност на македонската кауза, остануваат вечен и светол пример за идните поколенија Македонци.

Вечна ти слава Војводо !



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.