Министерството за образование и наука ги разгледува сите начини и препораки за завршување на учебната година до 10 јуни, но можно e порано почнување на следната, за да се надополни тоа што го испуштиле учениците. Директорот на Бирото за развој на образование треба да има состаноци со сите директори на училиштата и да се види до каде е реализиацијата на програмата, изјави министерот Јетон Шаќири.
Со препораките од сите директори ќе се разгледа можноста како да се реализира делот од програмата кој останува. За другите години, освен тие што завршуваат деветто одделение, ќе најдеме начин како да се надополни делот од програмата и со почетокот на следната учебна година. Ќе се разгледаат сите комбинации и ако заврши до 10 јуни тоа ќе биде со препораки од Бирото. Се гледаат сите начини за до 10 јуни да заврши учебната година, но се уште немаме официјален одговор од Бирото- истакна Шаќири, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на меѓународната научна коференција „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“ што се одржува во Охрид.
Во однос на преговорите со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), тој повтори дека се доближуваат во ставовите за кои двете страни повторно ќе разговараат утре на нова средба со помирувач.
Од нашата страна и од страната на СОНК заеднички е ставот дека се доближуваме со мислењата и утре заедно со помирувачот, ќе ги видиме сите препораки што ќе ги има помирувачот – рече Шаќири и додаде дека МОН ќе најде начин за покачување на платите на вработените во образованието.
Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков на новинарско прашање дали наставниците и воспитувачите треба да ги добијат цела плата за деновите од штрајкот, одговори дека Општина Охрид ќе подели цели плати и се надева, рече, дека и МОН го има истиот став.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.