Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ и заменик претседателката Сања Лукареска, во рамки на теренските активности на партијата ги посетија Македонска Каменица и Штип, додека потпретседателот Фатмир Битиќи заедно со Кети Василевска го посетија Тетово, додека Каја Шукова и Наумче Мојсоски беа во Кочани.
Долго време нашето општество гласно зборува за потребата од единство. Сега е време да го потврдиме националното и општествено обединување на дело, не само како идел, туку во конкретен чекор, во глас за Европа. Во името на иднината на земјата и наредните генерации. Повикувам на разум, на трезвеност, да се согледа националниот интерес, геополитичкиот и регионалниот контекст. За да се разбере суштинското значење на членството во Европската Унија, за македонската држава, за Македонците и за сите наши граѓани. Тоа ги надминува економските придобивки, ги надминува политичките партии. Членството во ЕУ значи сигурна, европска иднина со обезбеден македонски јазик и идентитет. Ја повикувам и ВМРО-ДПМНЕ, да ги оставиме настрана нашите разлики, да најдеме заеднички јазик и да се собереме зад заедничката цел за европска интеграција, рече Зечевиќ.
Тој рече дека обединувањето е стремеж вкоренет во духот на нашата нација и сега е време повторно да ја најдеме силната во единството, во нашата способност да се здружиме за национална и државна цел, членство во ЕУ.
Заменик претседателката на партијата, Сања Лукаревска, најави дека во Штип ќе се отвори нова фабрика со добри платени работни места и рече дека европскиот пат носи придобивки.
СДСМ има резултати што навистина прават разлика. Не само што ги покачивме платите и пензиите, што успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните и во време на криза, политиките на СДСМ за членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ значително влијаат за создавање конкурентна економија со сигурна бизнис клима. Минатата година имавме рекорден износ на странски директни инвестиции, а тој тренд продолжува и оваа година. Она што е особено важно е дека со овие инвестиции се отвораат нови и добро платени работни места. И во Штип се отвора нова фабрика, компанијата „Јагео“ која ќе вложи 205 милиони евра во 4.000 работни места една своја фабрика ќе гради и тука во Штип. Со оваа инвестиција но и со претходните реализирани инвестиции, ниту Штип ниту Македонија веќе не се места на евтина работна сила, туку тука се отвораат нови добро платени работни места и тоа е заслуга на нашите економски политики, порача Лукаревска.
Заменик претседателката ја потенцираше поддршката за земјава од САД и упати порака сите општествени и политички чинители во општеството да покажат одговорност кон иднината и да дадат придонес за продолжување на европскиот пат.
Од нашиот најголем поддржувач и сојузник САД, добиваме силна и јасна поддршка за продолжување на европскиот пат. Тој пат зависи од сите политички чинители и затоа, од овде уште еднаш ги повикувам да покажат одговорност кон иднината, да дадат поддршка за реформите кои се клучни за напредокот на државата кон ЕУ и на тој начин да обезбедиме сигурна иднина на нашите граѓани. Време е за глас за Европа, посочи Лукаревска во Штип.
Потпретседателот Фатмир Битиќи во Тетово се осврна на успешните економски политики на Владата, кои резултираа со заштита на стандардот на граѓаните, со создавање конкурентна економија и со рекордни 753 милиони евра странски инвестиции минатата година.
Се грижиме за работниците но и за компаниите, да создадеме добри услови. Стимулативните политики за странски инвестиции, нашата земја ја поставија на високо место на мапата на пожелни месата за инвестирање и според последното годишно рангирање на Светската банка, нашата држава е рангирана како 17-та од 190 економии во светот во однос на леснотијата на водење на бизнис, истакна Битиќи.
Потпретседателот Битиќи нагласи дека Владата предводена од СДСМ истовремено е посветена на транспарентна поддршка на домашните компании во нивните напори за унапредување на производството, конкурентноста и отворањето на нови и добро платени работни места.
Во Кочани, Каја Шукова и Наумче Мојсоски, со граѓаните разговараа за енергетските политики, пред се за мерките што се споведуваат за зелена трансформација.
Успешно реализираме енергетски политики особено во обновливи извори на енергија, за само 15 месеци се инсталирани 192 мегавати „зелена енергија“, во време на криза значително го зголемивме домашното производство на струја и го намаливме увозот, ги заштитивме граѓаните од ценовни шокови, а сега се разгледува можноста за повторно воведување на дневната евтина тарифа на електричната енергија, рече Шукова во Кочани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.