СДСМ преку соопштение тврди дека анкетите објавени на Националната телевизија МТВ се лажни и нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

Станува збор за реализација на цела шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ДПМНЕ на 05.12.2023 година за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, но и за други активности како пласирање лажни вести. Документите со потписи потврдуваат дека оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ го содржи она што и реално се случува. Предвидува креирање на емисија два пати неделно со анализирање на анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитуваа на МТВ. Дефиниран е и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа 3 опозициски и 1 од власта, се наведува во соопштението од СДСМ.

ДПМНЕ има и одговорен и за ширење лажни вести а креираат и лажни вести преку „дувла“ кои ги објавуваат опозициски портали. Ова е голем скандал кој покажува дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните а немаат врска со реалноста. Но исто така потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ. Пропагандата, злоупотребите на медиумите, ширењето лажни вести и нарачаните лажни анекти се истите методи на Никола Груевски сега ги спроведува Христијан Мицкоски. Ништо не се менува во ДПМНЕ. За овој скандал мора да има одговорност, се вели во соопштението.

Но, од ВМРО-ДПМНЕ најостро и ги демантираат информациите „првично објавени во еден медиум, а потоа истите лаги дополнети од СДС“.

Од партијата тврдат дека не постои документ подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес како што се наведува во емисијата на Фуркан Салиу и потоа прераскажани од СДСМ затоа што потписите на документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните.

Иако видовме дека за СДС е нормално да го погрешат презимето на нивниот лидер Ковачевски веројатно разумно и логично е ВМРО-ДПМНЕ да си ги препознава луѓето и потписите од својата партија, нешто што не е случај и во посочениот и измислен документ, што само кажува кој е изворот на веста, велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквите информации се од кујната на СДСМ кои очајнички прибегнуваат кон дезинформации, фалсификуваат документи соочени со претстојниот пораз.

На времето правеа бугарски летоци, сега измислуваат документи. За парите дадени на Асаф Исеин можеле да бидат барем малку покреативни во измислувањето. Поминува времето кога Ковачевски може шеретски да седи на влада и да одлучува кој што ќе прави. Да потсетиме на седница на влада со која раководи Димитар Ковачевски е доделено државно земјиште за фотоволтаици на неговата сопруга по цена од едно евро за метар квадратен. Додека Ковачевски беше заменик министер за финансии и мандатар на состав на влада, неговиот кум Паунов преку фирмата Пиксел груп добивал државна помош. Бараме СДС да се извини за ваквите лаги, во спротивно ќе следи тужба за клевета, велат од ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.