Целиот бугарски народ денес гледа како се остваруваат неговите идеали за создавањето на една моќна и обединета Бугарија од Дунав до Белото Море и од Охрид до Црно Море. Бугарскиот народ секогаш ќе искажува најголема благодарност и големо признание кон силите на Оската и кон нивните големи водачи Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, кои го остварија обединувањето на Бугарија. Овие чувства ќе се особено силни кон Германија, чии војски дејствуваат во Македонија и Беломорието и кои на тој начин беа непосредни ослободители на овие бугарски земји. Во знак на благодарност на оној кој не водеше мудро низ сите досегашни потешкотии и кој може да посведочи на обединувањето на Бугарија, за неговото величество Царот ослободител Борис Трети ура, ура, ура!!!
Ова е краткото обраќање на бугарскиот премиер Богдан Филов пред пратениците на бугарското Народно собрание од 19 април 1941 седница.
Вчера во Охрид, на свеченото отворање на здружението „Цар Борис Трети“, недостасуваше само неговиот претседател Томе Блажевски, членовите и гостите да почнат да извикуваат ура, ура, ура! А, за тоа имаа и повод и причина. Благодарение на власта на СДСМ и ДУИ одново го одбележаа новото политичко обединување на Бугарија, само во еден правец, од Охрид до Црното Море. За другиот, од Дунав до Белото Море ќе почекаат друга пригода.
Дефинитивно, целосно анацаионалната, антимакедонска власт на СДСМ и „непринципиелната албанско-бугарска коалиција“ на чело со ДУИ и бугарското политичко подземје свесно работат на украинизација на Република Македонија!!! Зашто, и законски и институционално дозволуваат фашизација на одредени структури во државата, кои за жал водат кон целосна негација на македонизмот и на Македонците и нивна бугаризација!!!
Целиот настан беше под висок напон и недостасуваше само мала искра, па работите да тргнат во несакан правец. Колку само наивно се обиде да изгледа Томе Блажевски! Човек да помисли дека мед и млеко му тече од устата! Тие сосема случајно го одбрале Царот Борис Трети, како само еден обичен бугарски цар, и станале почитувачи на неговиот лик и дело!
Последнава, скоро една година почна да се политизира целата работа и се крена глас против нас. Ние се оградивме дека немаме никаква соработка или некои неонацистички или фашистички движења. Доколку имаме, нас нека не судат. Меѓутоа, ние таква работа не сме направиле. Нашето е, како што кажав, само почитувачи и само го избравме ликот на цар Борис како еден бугарски цар и тоа беше се, изјави Блажевски.
Но, види чудо! Блажевски и компанија не знаеле дека Царот обединител, исто така случајно е царот, кој склучил договори за соработка со силите на Оската за време на Втората светска војна, царот кој ја окупирал Вардарска Македонија, кој во неа ги испратил своите бугарски воени и полициски сили, својата жандармерија, администрација, царот кој случајно го прифатил усвојувањето на антисемитските закони, царот кој ги депортирал македонските и тракиските Евреи, кој водел војна со македонските партизански единици, убивал и масакрирал цивили, палел цели села…Ситници! Не, за ова не знаел ништо, ама знаел дека е обединител, па како таков и самиот станува обединител на Македонија и Бугарија, а не окупатор на Вардарска Макдонија!
Вчера во Охрид, според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, наспроти шпекулациите, настанот завршил без посебни нарушувања на јавниот ред и мир.
И каква фарса! СДСМ преку оној Коциќ Демир Хисар се правда дека бил против отворањето клубови на т.н. македонски Бугари според имиња на фашистички соработници! Кој е власт во Република Македонија се знае или не? СДСМ и ДУИ или некој друг? Да не е ГЕРБ на Бојко Борисов или социјалистите на Нинова и Румен Радев?
Здружението на бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“, според Блажевски, е отворено пред една година со сите документи, со целиот почит кон државата, институциите и законите. Што, значи дека власта, исто како и со клубот „Иван Михајлов“ во Битола, затворала очи, правдајќи се со бесмислени одговори и префрлајќи ја вината од институција на институција. Сега формираше ад хок тело од кое не може да се очекуваат никакви резултати. Зашто, на пример, нејзин член е неизбежниот „академик“ или „органски“ историчар Драги Ѓоргиев, кој веќе се изјасни дека за Бугарија може да се каже дека била окупатор, но не и оти била фашистичка. И како од него може да се види некаков аир?!
Како тргнале да се одвиваат работите нема да биде никакво изненадување ако еден ден во блиска иднина, власта на СДСМ и ДУИ, со европско знаменце, не предложи до Собранието на Република Македонија донесување „Наредба за државјанство во земјите ослободени во 1941 година“, прифатена од бугарската влада на 5 јуни 1942 година. Наредбата има вкупно осум члена.
Во членот 1 стои: „Сите југословенски и грчки државјани со бугарско потекло по право го добиваат бугарското државјанство од денот на влегувањето на оваа наредба во сила, ако на тој датум тие живеат во земјите ослободени во 1941 година или во старите граници на Царството“. Членот 2, пак, вели: „Сите југословенски и грчки државјани со бугарско потекло што се родени во земјите ослободени во 1941 година и живеат надвор од тие земји и надвор од старите граници на Царството можат да добијат бугарско државјанство ако во рок од една година од влегувањето на оваа наредба во сила го побараат тоа со молба до Министерството за правда директно или преку царските дипломатски или конзуларни власти“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.