Пратеникот од реедовите на СДСМ, Миле Талески денеска на прес-конференција го повика колегата пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски итно да закаже седница и на дневен ред да ги стави законите за ратификација на договорите што произлегуваат од регионалната иницијатива Отворен Балкан.
„Станува збор за договори со чија ратификација граѓаните на Македонија, Србија и Албанија ќе добијат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Овие договори ќе овозможат нови работни места, пополнувања на недостигот од кадри во приватниот сектор во секоја од трите држави“, истакна Талески на прес-конференцијата.
Тој потенцираше дека тоа ќе биде од огромна помош за фирмите кои имаат свои претставништва во трите држави, за полесно да отвораат нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа.
„Институциите на Македонија, Србија и Албанија ги завршија сите подготовки за либерализирање на пазарот на трудот. Сите решенија се подготвени за да започне издавањето на Идентификацискиот број за граѓаните на Отворен Балкан, кој е неопходен технички предуслов за слободно движење на пазарот на трудот во сите три држави, без издавање работни дозволи“ рече пратеникот на СДСМ.,
Тој го обвини Милошоски дека упорно не закажува седница на Комисијата, на која овие договори ќе бидат на дневен ред.
„Станува за збор за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, но и за Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан. Исто така, не е ратификуван и Договорот за соработка во областа на ветерина, безбедност на храна, храна за исхрана на животни и фитосанитарна политика“, изјави Талески.
Одложувањето на ратификацијата на овие договори, како што истакна партеникот е на штета на државата и на граѓаните.
„Како пратеници, имаме обврска да им служиме на граѓаните и затоа, уште еднаш го повикуваме Милошоски да закаже седница на Комисијата за надворешни работи, конкретните договори да бидат изгласани, за граѓаните што поскоро ги почувствуваат придобивките од нив. Во спротивно, Милошоски и ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ќе се потврдат како кочничари на напредокот и развојот на државата“,нагласи Талески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.